До премиерата на iPhone 15 серијата има уште неколку месеци, но тоа очигледно не е пречка да се појават фотографии на интернет кои покажуваат како ќе изгледа iPhone 15 Pro. Снимката доаѓа од 9to5mac и е создадена врз основа на CAD модели кои се добиени од кинески производител на куќишта, за кои сајтот вели дека е доверлив.
Најзабележителна промена во новиот уред е замената на Lightning портот со USB-C приклучок, што можеби е поврзано со европските регулативи кои бараат воведување на USB-C како единствен порт за полнење на различните мобилни електронски уреди.
Забележливо е дека металната рамка има повеќе заоблени рабови, а освен тоа, стаклото над дисплејот има мало заоблување на рабовите што се влева во рамката. Ова потсетува на дизајнот на MacBook Pro и новиот MacBook Air, а тоа ќе го направи уредот и поудобен за држење. Драстично се намалени и рамките околу дисплејот.
Забележлива е и значително зголемената површина на главната камера, што сугерира дека Apple може да го надгради својот хардвер со нови леќи и поголеми сензори. Неговата конфигурација останува иста како онаа на iPhone 14 Pro со три леќи и LiDAR скенер во квадратен модул.
Се забележува промена во копчињата за јачина на звук, за кои се шпекулира дека се капацитивни наместо сегашните. Исто така, копчето за исклучување на звукот изгледа помало и заоблено. Треба да се напомене дека овие рендери се создадени од раниот CAD модел и можеби нема целосно да го одразуваат конечниот дизајн, но даваат доволно добра идеја за тоа што можеме да очекуваме.
Покрај овие рендери, се појави и фотографија од долниот дел на iPhone 15 Pro која го прикажува USB-C приклучокот и дава поглед на промените во геометријата на металната рамка. Уредот ќе има заоблени рабови, што ќе го олесни држењето на телефонот. Новите облини се гледаат и во протечените рендери на телефонот. Фотографијата доаѓа од корисникот на Твитер, Unknownz21, кој ја сподели со MacRumors.
Се шпекулира дека Apple како материјал за рамката користи титаниум наместо челик, а текстурата од фотографијата тоа и го поддржува. Според Unknownz21, Apple планира да го замени E75 контролерот на Lightning портото со друг контролер – E85.
Новиот интерфејс ќе се користи во целата нова серија на паметни телефони, па ќе го видиме кај iPhone 15, iPhone 15 Plus и iPhone 15 Pro Max. Сепак, промените во дизајнот на рамката ќе бидат резервирани само за моделите Pro.