Компанијата Huawei на крајот на минатата година во Кина го претстави Huawei Watch Buds уредот. Оваа комбинација од паметен часовник и безжични слушалки сега пристигна и на Стариот континент.
Huawei Watch Buds 2 in 1 е паметен часовник со AMOLED екран од 1,43 инчи, кој се отвора и содржи пар безжични слушалки. Овие слушалки доаѓаат со активно поништување на шум со вештачка интелигенција.
Овој уред е компатибилен со Android и iOS уредите и доаѓа со низа заеднички карактеристики за здравје и фитнес што ги имаат повеќето други паметни часовници. Часовникот, меѓу другото, има и сензор за следење на отчукувањата на срцето и сензор SpO2 за мерење на кислород во крвта. Има и поддршка за 80 режими на вежбање.
Куќиштето на часовникот е изработено од нерѓосувачки челик, додека коженото ремче од 22 mm доаѓа во црна и кафена боја. Часовникот тежи 66,5 грама без ремен, додека слушалките тежат по 4 грама. Самите слушалки доаѓаат и со IP54 сертификат за водоотпорност.
Часовникот има батерија со капацитет од 410 mAh, додека секоја од двете слушалки има батерија од 30 mAh. На претставувањето на овој уред, Huawei изјави дека часовникот и слушалките заедно ќе понудат траење на батеријата од 3 дена. Целосното полнење на уредот преку магнетниот полнач трае 100 минути.
Цената на овој уред во Европа изнесува 499 евра, а отворената продажба ќе започне на 1 март 2023 година. Сепак, оние кои ќе нарачаат однапред преку официјалната веб-страница на Huawei ќе добијат попуст од 30 евра, што значи дека ќе ги добијат Huawei Watch Buds по цена од 469 евра. Покрај тоа, гореспоменатите клиенти бесплатно ќе добијат и паметна вага Huawei Scale 3.