Енергетската криза предизвикана од руската инвазија на Украина може да доведе 141 милион луѓе ширум светот во екстремна сиромаштија, се наведува во извештајот што го објави списанието Nature Energy.
Истражувачите од Холандија, Обединетото Кралство, Кина и Соединетите Американски Држави, кои ги моделираа влијанијата на зголемените цени на енергијата во 116 земји, открија дека трошоците на домаќинствата пораснале во просек за 4,8%, поради поскапувањето на јагленот и природниот гас по руската инвазија на Украина.
Во земјите со ниски приходи, посиромашните домаќинства кои веќе се соочуваат со сериозен недостиг на храна, се изложени и на поголем ризик од сиромаштија поради повисоките трошоци за енергија.
Домаќинствата во земјите со повисоки приходи, исто така, го почувствуваа влијанието на зголемувањето на цените на енергенсите, но поверојатно е дека ќе можат да ги апсорбираат во домашните буџети, се вели во извештајот. Некои земји се поизложени од другите – на пример, зголемувањето на трошоците за енергија во Естонија, Полска и Чешка е над глобалниот просек, главно затоа што тие земји повеќе се потпираат на енергетски интензивни индустрии. Полска особено се потпираше на јаглен за 68,5% од своето производство на енергија.
Зголемувањето на цените на енергијата предизвикано од кризата во Украина, исто така, резултираше со раст и на трошоците за храна. Споредено со пред една година, во САД јајцата поскапеле за 70,1%, маргаринот 44,7%, путерот 26,3%, брашното 20,4%, лебот 14,9%, шеќерот 13,5%, млекото 11%, пилешкото месо 10,5%, а зеленчукот и овошјето за 7,2%, покажуваат официјалните податоците за стапката на инфлација.
Компаниите за стока за широка потрошувачка велат дека цените веројатно нема да паднат наскоро. Извршниот директор на Nestlé, најголемата светска групација за храна, го повтори предупредувањето на други фирми гиганти како Unilever и Proctor & Gamble дека цените на основните артикли може дополнително да се зголемат оваа година.
„Како и сите потрошувачи ширум светот, ние бевме погодени од инфлацијата и сега се обидуваме да ја поправиме штетата што е направена“, рече извршниот директор на Нестле, Марк Шнајдер, иако одби да каже кои од 2.000 брендови на компанијата, кои опфаќаат замрзната храна, кондиторски производи и детска храна, ќе бидат погодени од зголемувањето на цените.
Главниот финансиски директор на Unilever, Грем Питкетли, претходно изјави дека „веројатно помина врвот на инфлацијата, но сè уште не и врвот на цените“. Питкетли рече дека компанијата очекува цените на храната значително да се зголемат во 2023 година.
Според извештајот, многу влади ширум светот веќе презеле чекори за да го намалат влијанието на зголемените цени на енергијата врз домаќинствата, од намалување на даноците за енергија и обезбедување попусти на сметките за енергија до еднократни субвенции и ограничувања на цените.
Но, извештајот сугерира дека може да се направи повеќе, како што е одредување субвенционирање на цените, наметнување дополнителни даноци за енергетските компании и донесување закони за користење одржливи извори на енергија.
Во извештајот се укажува дека оваа енергетска криза треба да послужи како потсетник за ризиците по „енергетскиот систем кој е многу зависен од фосилни горива“. Не само што остава милиони луѓе на работ на екстремна сиромаштија, туку и ги забрзува климатските промени, што претставува повеќе предизвици за оние кои се најранливи на зголемените цени на енергијата.