Секоја година, последиците од глобалното затоплување стануваат се поочигледни: зголемување на просечната температура, пожари, повеќе топлотни бранови, топење на глечерите.
Затоа, научниците работат на различни сценарија за да спречат уште поголеми катастрофи во иднина, а едно од нив е исфрлање прашина од Месечината.
Оваа идеја беше претставена од астрофизичарот Бен Бромли и компјутерскиот научник Самер Кан од Универзитетот во Јута и астрофизичарот Скот Кенион од астрофизичката опсерваторија Смитсонијан. Иако станува збор за некаква екстремна мерка, нивниот план е веројатно помалку ризичен и има помали трошоци од многу други стратегии за „итни случаи“, пишува Science Alert.
Поради зголеменото количество на јаглерод диоксид се јавува ефектот на стаклена градина, односно задржување на топлината во атмосферата. Најлогично решение за тој проблем би било намалувањето на емисиите на стакленички гасови. Но, глобалното затоплување може да се спречи, колку и да звучи лудо, со огромни инженерски проекти кои би отфрлиле дел од сончевата светлина пред да стигне до Земјата.
Експертите веќе предложија ослободување на магла од честички на сулфур диоксид во атмосферата. Сепак, колку и да е практично и економски изводливо, овој потег може да има други лоши последици за нашата животна средина.
Бромли, Кан и Кенион пресметале колку прашина во вселената ќе биде потребна за да се изврши истата работа како и честичките од сулфур диоксид (без да се загадува нашата планета) и сфатиле дека ќе ни треба облак од прашина од 10 милијарди килограми.
По анализата на сенката што ја фрлаат различни видови материјали, влијанието на гравитационите сили, притисокот на зрачењето на сончевата светлина и други фактори, тие го утврдиле квалитетот и квантитетот на мали фрагменти од прашина потребни за филтрирање на нешто помалку од 2 отсто од сончевите зраци.
Откриле дека таков облак од прашина ќе се расипе многу брзо и затоа ќе бара постојан извор на материјал. Позитивната страна е тоа што нема да наидат на некои поголеми проблеми доколку нешто тргне наопаку; ќе почекаме една недела или нешто повеќе, облакот прашина ќе исчезне и сè ќе биде како порано.
Научниците посочија дека таков облак може да се создаде со ископување и исфрлање материјал од Месечината. Имено, доколку прецизно и постојано испуштаме млаз од месечева прашина од хипотетичка месечева станица сместена на вистинската позиција помеѓу Сонцето и Земјата, би можеле да одржуваме пониски температури на најисплатлив начин; барем додека не се вразумиме и не ги намалиме штетните емисии на гасови.
„Поедноставен пристап е балистичко исфрлање прашина од површината на Месечината, што би обезбедило сенка неколку дена или повеќе. Предностите во споредба со лансирањето од Земјата вклучуваат веќе подготвена и достапна количина прашина на површината на Месечината и помала кинетичка енергија потребна за да постигнете орбита која штити од сонцето“, напишаа научниците во студијата.
Истражувањето, насловено како Dust as a solar shield , е објавено во списанието PLOS Climate.