Русија одреди нов датум за испраќање на спасувачко летало на Меѓународната вселенска станица, па тројцата астронаути ќе можат да го искористат за да се вратат на Земјата.
Оваа мисија е неопходна поради неуспехот на вселенското летало Soyuz кое моментно е приклучено на ISS. Во декември беше објавено дека ова летало останало без течност за ладење, поради што се смета дека е небезбедно за астронаутите да летаат. Затоа, на 24 февруари руската вселенска агенција Роскосмос ќе испрати ново летало Soyuz без екипаж, за да можат космонаутите Дмитриј Петелин и Сергеј Прокопјев, како и астронаутот на NASA, Фран Рубио да се вратат дома.
„Роскосмос“ ја одложи мисијата минатиот понеделник, откако „Прогрес 82“, товарно вселенско летало приклучено на ISS од октомври, исто така почна да губи течност за ладење. Петелин, Прокопиев и Рубио отпатуваа до ISS во септември и требаше да се вратат на Земјата со истото летало. Но, во декември имаше истекување на течноста за ладење, наводно поради удар на микрометеороид. Еден месец подоцна, „Роскосмос“ објави дека ќе испрати втор Soyuz да ги собере астронаутите.
Сепак, времето на истекување доведе до шпекулации дека всушност станува збор за производствен проблем, а не за удар на микрометеороиди. Од друга страна, минатата недела „Роскосмос“ објави фотографија на која се гледа локацијата на истекувањето и наводниот удар.
Новиот Soyuz бил детално прегледан и утврдено е дека е подготвен за лет. Во меѓувреме, „Прогрес 82“ се одвои од ISS и не беа забележани знаци на оштетување во процесот.
Доколку „Роскосмос“ го спроведе најавениот план, Soyuz ќе стигне до ISS два дена пред планираната мисија Crew-6 на SpaceX, која е закажана за 26 февруари. Двајца астронаути на NASA, заедно со астронаут од Обединетите Арапски Емирати и руски космонаут, се следните жители на ISS.