Научниците развија нов медицински уред со потенцијал да го револуционизира третманот, завој за електротерапија што го забрзува заздравувањето на раните и потоа безбедно се распаѓа кога повеќе не е потребен.
Иновативниот завој е тестиран на дијабетични чирови во експерименти со животни и покажа дека го забрзува заздравувањето за 30 проценти. Ова може да биде многу важен наод за дијабетичарите, чии рани може да доведат до лоши резултати како што се ампутација на екстремитетите, па дури и смрт.
Научникот Гилермо А. Амер истакна дека во случај на рана, целта на лекарите е што побрзо да ја затворат, за да се избегнат последиците. Луѓето со дијабетес потешко се борат со инфекциите, а на таквите пациенти им требаат ефикасни решенија. Едно од нив би можел да биде електронски прилагодливиот завој, кој лесно се нанесува и ефикасно ги затвора раните и спречува понатамошни компликации.
Иако се работи за електронски уред, компонентите кои доаѓаат во контакт со раната исчезнуваат по завршувањето на процесот на лекување, па се избегнува оштетување на раната и ткивото.
Милиони луѓе во САД имаат дијабетес, а за многу од нив, оштетувањето на нервите предизвикано од дијабетес може да доведе до други медицински проблеми како што се дијабетски чир на стапалото. Овие рани тешко се лекуваат и се особено опасни поради намалената циркулација на крвта, поради нивото на гликоза што го згуснува капиларниот ѕид.
Научниците ја истражуваа терапијата со електрична стимулација како можно решение, бидејќи враќањето на стандардните сигнали на телото со помош на електрична енергија помага да се привлечат есенцијални хранливи материи потребни за затворање на упорните рани.
Целта на научниците беше да развијат поудобен производ за електротерапија што може да се користи во домашни услови. Со создавање електрична средина околу раната, клетките брзо мигрираат и ја регенерираат кожата додека го сузбиваат воспалението.
Тие развија мал флексибилен завој кој може брзо да се завитка околу раната. Револуционерниот систем ја користи енергијата на две електроди, едната во форма на цвет е поставена на раната, додека другата е на здравото ткиво. Тие се напојуваат со калем за собирање енергија што безбедно пренесува податоци во реално време преку NFC технологијата.