Глобалниот технолошки гигант Google ќе ја преземе хрватската математичка едукативна апликација Photomath, односно истоимената компанија која ја изработи апликацијата.
Photomath е една од најуспешните хрватски апликации досега и веќе со години на самиот врв на светските образовни апликации. Апликацијата нуди систем кој препознава рачно напишани или печатени задачи и ги решава додека ги објаснува процесот и резултатите. Photomath беше лансирана пред речиси 10 години, а оваа аквизиција може да биде една од најголемите кога станува збор за преземање на хрватски технолошки стартапи.
„Договорот е потпишан, но се уште се чекаат одредени регулаторни одобренија, па процесот на аквизиција се уште е во тек“, потврдија од Photomath
Photomath пред две години доби инвестиција од 23 милиони долари, со што тогаш беа затворени вкупните циклуси од 40 милиони долари инвестиции во оваа компанија. Минатата година прославија 300 милиони преземања на нивната апликацијата, која е најпознатата математичка мобилна апликација во светот со околу 200 вработени.
Денеска беше објавено дека европскиот антимонополски регулатор поставил рок до 28 март за донесување одлука за преземање, по што новиот сопственик на Photomath треба да стане матичниот концерн на Google – Alphabet. Од компанијата дополнително потврдија дека биле во преговори со Photomath од мај минатата година.
„Технологијата на „Photomath“ ќе му помогне на Google да го подобри обезбедувањето на подобри искуства за учење математика за учениците и да помогне да се прошири понудата за помош за домашни задачи на Google“, велат од технолошкиот гигант.