Во пресрет на MWC 2023 конгресот, кој за неколку дена ќе започне во Барселона, компанијата HMD Global претстави нов евтин смартфон во својата понуда. Станува збор за уредот наречен Nokia C02. Се карактеризира со скромни спецификации, но и некои интересни според денешните стандарди.
Телефонот го покренува неименуван чип со четири јадра со такт од 1,4 GHz, во комбинација со 2GB RAM и 32GB eMMC 5.1 простор за складирање. Смартфонот се испорачува со Android 12 во Go издание. Компанијата вети дека телефонот ќе добива безбедносни надградби за две години.
Предниот дел на овој буџетски телефон е покриен со IPS LCD екран со дијагонала од 5,45 инчи со FWVGA+ резолуција и сооднос 18:9. Околу екранот има дебели рамки, особено под и над дисплејот. На горната рамка е сместена предна камера од 5 MP.
Од задната страна, телефонот го има главниот и единствен сензор за камера од 5 MP. Камерата се наоѓа во модул заедно со LED блицот. На десната страна се наоѓаат копчето за контрола на јачината на звукот и копчето за вклучување и исклучување на уредот. Самата рамка е изработена од поликарбонат.
Она што е интересно е дека овој смартфон има заменлива батерија, односно таква што може лесно да ја замени секој корисник. Капацитетот на батеријата е 3000 mAh, а уредот се полни преку microUSB порт со моќност од 5 W.
Nokia C02 има два слота за SIM картичка, како и слот за microSD картичка. Телефонот е достапен во сина и бела боја, Детали за цената и достапноста се уште не се објавени, но можеме да ги очекуваме наскоро.
Извор: Nokia