Ширењето на eSIM технологијата продолжува да се забрзува и таа го наоѓа своето место во сè повеќе паметни телефони со Android. Присутна е и во интернационалните верзии на Xiaomi 13 и 13 Pro претставени пред неколку дена, а вклучена е и во смартфоните на Samsung, Google и други.
Управувањето со eSIM е различно за различни производители, а освен тоа, не постои лесен начин за префрлање помеѓу различни уреди. Google очигледно сака да ги олесни работите, бидејќи компанијата најави дека подоцна оваа година ќе додаде функција за префрлање за eSIM на Android, која овозможува лесно и безбедно пренесување на мобилниот план на нов уред.
Ова несомнено ќе им олесни на корисниците, бидејќи нема да има потреба да контактираат со операторот секогаш кога уредот ќе го заменат со нов. Google посочува дека Дојче Телеком ќе биде првиот оператор што ќе ја поддржи опцијата за префрлување на eSIM во Android екосистемот.