Вселенските организации размислуваат на Месечината да и дадат сопствена временска зона.
Европската вселенска агенција (ESA) потврди дека се планирани десетина лунарни мисии, вклучувајќи и такви за изградба на база на Месечината. Кон крајот на минатата година во технолошкиот центар ESTEC на ESA во Холандија почнале дискусии за мерење на времето на Месечината.
„Се согласивме околу важноста и итноста за дефинирањето на заедничко лунарно референтно време, кое е меѓународно прифатено и на кое сите лунарни системи и корисници можат да се повикаат. Сега се започнуваат заеднички меѓународни напори тоа да се постигне“, рекол инженерот на ESA, Пјетро Џордано.
Досега секоја мисија на Месечината функционирала на сопствена временска скала, со антени во вселената кои се користеле за синхронизација на хронометарот на леталото со времето на Земјата. Покрај тоа што астронаутите и контролорите на земјата можат да одредуваат време на Месечината, потребата за стандардно мерење на времето во вселената е исто така неопходна за наведување и навигација.
Станица за престој на астронаути
Исто како што GPS системите на Земјата бараат прецизна координација и тајминг, слични потреби постојат и за инфраструктурата која е изградена и која се користи на Месечината. Инаку, станицата на NASA, Gatewau која кружи околу Месечината, ќе служи како повеќенаменска инфраструктура кога ќе стане оперативна, што се очекува да биде после ноември 2024-та година. Според некои наводи, ќе биде отворена за престој на астронаутите.
Во меѓувреме, ESA ќе го спушти сопственото вселенско летало Агронаут на Месечината. Оваа мисија нема да работи само на Месечината или околу неа во исто време, туку исто така ќе биде во интеракција и потенцијално ќе пренесува комуникации и ќе врши заеднички набљудувања.
ESA потврди дека се расправа за тоа дали една организација треба да биде одговорна за поставување и одржување на лунарно време и дали треба да биде поставено на независна основа или синхронизирано со Земјата. Тие истакнале дека меѓународниот тим кој работи на оваа тема ќе се соочи со значајни технички проблеми, наведува Sky News.