На MWC 2023 во Барселона, беше потврдено дека првиот телефон на преклопување на OnePlus ќе се појави на пазарот во втората половина од оваа година. Според претседателот на компанијата, овој смартфон ќе биде високо позициониран во портфолиото на компанијата
Претседателот и оперативен директор на OnePlus, Киндер Лиу потврди на MWC 2023 саемот во Барселона дека нивниот прв паметен телефон на преклопување ќе пристигне на пазарот веќе во втората половина на 2023 година.
„Во втората половина на годинава ќе го претставиме нашиот смартфон на преклопување. Тоа ќе биде водечки телефон меѓу другите високо позиционирани производи во нашето портфолио. Тој уред е причината поради која во изминатите неколку години не претставивме никакви флексибилни телефони на преклоп. Сакаме да го направиме најдоброто“, изјави Лиу за TechCrunch.
Лиу истакна дека мобилниот уред на преклоп ќе има „форма на книга“, односно ќе биде направен во стилот на Z Fold на Samsung. На прес-конференцијата на MWC во Барселона, тој истакна дека ќе биде на самиот врв на денешниот пазар на мобилни телефони со преклопување, во однос на индустрискиот дизајн, механичката технологија и други аспекти.
Засега не е познато како ќе изгледа првиот флексибилен смартфон на OnePlus. Се шпекулира дека би можело да станува збор за изменета и ребрендирана верзија на моделот Find N2, кој Oppo го претстави во Кина кон крајот на минатата година.