Еволуцијата на мобилните технологии не покажува знаци на запирање. Иако повеќето од нас сè уште користат физички SIM-картички, eSIM постои долго време како начин да се поврзете без потреба од физичка картичка.
eSIM е многу поелегантно решение што посебно ги олеснува работите кога патувате во странство и сакате да менувате оператори во движење. И додека eSim се уште не е маосвно прифатен нашата земја, Qualcomm веќе носи технологија која треба и овој стандард да го испрати во пензија.
Имено, како што јавува Android Authority, популарниот производител на чипови во својата Snapdragon 8 Gen 2 платформа го вгради iSIM, или Интегрирана SIM функционалност. Овој нов тип на замена за традиционалните SIM картички го прави менувањето на операторите уште полесно и побрзо.
За разлика од eSIM стандардот, iSIM се наоѓа во самиот процесор, односно во чипсетот. Во пракса, тоа значи дека овој стандард не бара дополнителен простор во споредба со традиционалните SIM картички, па дури и со eSim стандардот.
Qualcomm тврди дека ова ги намалува трошоците за производство, како и дека ја подобрува ефикасноста за производителите на мобилни телефони, а исто така им овозможува да произведуваат уште покомпактни уреди. Покрај тоа, iSIM има помала потрошувачка на енергија во споредба со eSIM, што го прави идеален за Internet of Things уредите, велат од компанијата Thales, која беше партнер на Qualcomm во развојот на оваа технологија.
iSIM ги поддржува истите високи безбедносни стандарди како eSIM од последната генерација. Qualcomm предвидува дека глобалните испораки на iSIM ќе достигнат 300 милиони до 2027 година, што ќе биде удел од 19 проценти од сите испораки на eSIM.
„Паралелно со се попопуларната eSIM технологија, Thales 5G iSIM им дава на производителите на уреди и мобилните оператори уште поголема слобода да им овозможат на своите корисници наједноставно поврзување и полесна пристапност до нивните услуги“, рече Гијом Лафаикс, потпретседател за интегрирани производи во Thales Mobile и Решенија за поврзување.
Qualcomm сè уште не потврди дали постоечките телефони со Snapdragon 8 Gen 2 како Galaxy S23 серијата се исто така компатибилни со iSIM. Во компанијата Thales беше соопштено дека iSIM прво ќе биде достапен во моделите од високата класа, но подоцна ќе биде претставен и кај телефоните од средната и ниската класа, како и во уредите што се носат.