Од 1 јануари 2022 година до 28 февруари годинава, во земјава има нови фототанапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија, информираше Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ).
Од таму велат дека во првите два месеца од годинава во државата има нови 88 фотонапонски електроцентрали со моќност од 29 мегавати за производство на струја кои се стекнале со лиценци за работа.
Регулаторната комисија забележува тренд на зголемен интерес за инвестиции во обновливи извори, а во изминативе 14 месеци издала лиценци за вкупно 355 фотонапонски централи, со чија вкупна инсталирана моќност, како што вели комисијата, може да се задоволат потребите за електрична енергија на домаќинствата со просечна потрошувачка од осум градови низ државата
„Последните податоци заклучно со февруари покажуваат дека за само 14 месеци во земјава има нови фотонапонски централи со инсталиран вкупен капацитет од 181,2 мегавати од обновливи извори што можат да ги задоволат потребите на 72.500 домаќинства кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија. Односно со овие капацитети од обновливи извори на енергија може да се задоволат потребите на домаќинства од осум градови: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Свети Николе, Ресен и Дојран“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Во 2022 година, РКЕВУ издала лиценци за вкупно 267 централи, што е речиси двојно повеќе од донесените одлуки за издавање на лиценци во претходните пет години. Од 2017 до 2021 година донесени се 146 одлуки за издавање на лиценци.