Сите големи производители на телефони имаат или планираат да ги претстават своите флексибилни уреди, но Samsung и натаму е на чело.
Категоријата на преклопни паметни телефони го забрзува својот развој, со сè повеќе брендови кои ги претставуваат своите телефони на преклопување за да добијат удел на релативно новиот пазар. Сепак, еден од пионерите во индустријата, Samsung сè уште е неприкосновен лидер.
Додека другите компании штотуку ја претставуваат својата прва или втора генерација, Samsung веќе ја подготвува петтата генерација на Flip и Fold моделите за оваа година, што им овозможи да станат лидер на пазарот во овој сегмент. Во 2022 година, оваа компанија испорача повеќе телефони со флексибилен екран отколку сите други производители заедно, пренесува Sammobile.
Според истражувањето на статистичката фирма Canalis, пазарот на телефони со флексибилен екран забележал 14,2 милиони испораки ширум светот во 2022 година, од кои само Samsung испорача повеќе од 11 милиони примероци.
На второ место е компанијата Huawei со нешто помалку од два милиони испорачани флексибилни уреди, а потоа следат Oppo, Vivo, Xiaomi, Honor и Motorola, кои испорачале само 40.000 примероци од овие смартфони.
Покрај тоа, Canalis проценува дека испораките на уреди со флексибилни екрани ќе се удвојат во 2023 година и ќе достигнат 30 милиони примероци. Пазарот на преклопни телефони се очекува да стане поинтересен и поконкурентен кога кинеските брендови повторно ќе ги лансираат своите смартфони надвор од Кина за да ја оспорат доминацијата на Samsung во овој сегмент, како што направи Honor оваа година со моделот Magic Vs.