Spotify се здружи со биометриската компанија за истражување MindProber за да ги проучува своите корисници
Музиката и подкастите што ги слушате влијаат на расположението, а стриминг аудио содржините навистина ги прави луѓето посреќни, е заклучокот на една студија неодамна објавена од Spotify. Ова е резултат на анализата на податоци за 426 корисници кои 40 дена доброволно носеле електродермални сензори за активност на своите дланки. Експериментот покажал две работи: слушањето подкасти или музика го подобрува расположението на корисниците, а активностите во кои учествуваат слушателите влијаат на видот на содржината што ја консумираат.
Се разбира, Spotify го започна ова истражување без алтруистички намери. Имено, тие сакаа да им помогнат на огласувачите подобро да разберат како навиките на корисниците поврзани со музика и подкасти може да се искористат за создавање на „беспрекорно рекламно искуство“, но резултатите би можеле да имаат интересни импликации и на науката.
Електродермални сензор активности
Тоа, сметаат коавторите на студијата од Одделот за мозок и когнитивни науки на MIT, ја отвора вратата за нов тип на антрополошки студии кои истражуваат како луѓето се справуваат со звукот во своите животи.
Клучот за овој експеримент беше сензорот за електродермална активност кој ја мери потта и варијациите во спроводливоста на кожата за време на секојдневните активности, далеку од стерилните, лабораториски услови од претходната студија од 2021 година во која, со помош на компанијата Neuro-Insight, ја мереле активноста на мозокот на корисниците додека слушаат Spotify.
Доказ за познатото
Овој пат се следело што слуша и како се однесува сопственикот на бесплатен профил на Spotify. Анализата на 14.878 сесии на слушање покажа дека стримингот го подигнува нивното расположение, без оглед на аудио содржината што ја консумираат и времето на слушање. Забележано е дека расположението на луѓето се подобрува без оглед на тоа што прават. Клучот е што тие избираат што ќе слушаат и тоа ги прави барем малку посреќни.
Видот на музика што луѓето ја слушаат многу варира во зависност од тоа што го прават, покажа еден експеримент. Така, на пример, луѓето повеќе слушаат танцувачка музика кога се во друштво или се активни, а избираат подкасти или погласни песни кога шетаат сами. Не звучи како револуционерен заклучок, но сега е првпат и докажан.