Роботите со вештачка интелигенција наскоро би можеле да се користат во училниците во Обединетите Арапски Емирати.
Министерот за образование Ахмад Ал Фаласи ги објави наставниците роботи за време на конференцијата што се одржа на образовниот самит Алеф во Музејот на иднината во Абу Даби.
„Посветени сме на усвојување нови технологии и работа со нашите партнери за да развиеме ВИ наставници со GPT и да внесеме еволуција во образовната технологија за да го подобриме образовниот систем во ОАЕ. Бидејќи развојот на науката и образовната технологија се забрзува низ целиот свет, традиционалните методи на настава се трансформираат со иновативни алатки кои ја револуционизираат училницата преку интерактивно и учење на далечина“, рече Ал Фаласи.
Фаласи нагласи дека неговиот тим ќе работи на тоа да осигура дека ВИ технологијата ќе се користи за подобрување на квалитетот на учењето и образованието, а не за замена на наставниците. Тој најави и соработка со партнери како Microsoft и OpenAI.
И додека на просветните работници ширум светот им е забрането да користат генеративна вештачка интелигенција во училниците, Емиратите се подготвени да ја прифатат новата технологија. Властите ги видоа придобивките од технологијата за време на пандемијата на коронавирусот кога образованието се потпираше на интернетот.