Флексибилните OLED екрани се работа на иднината, и во тоа повеќе пати досега сме се увериле, а смартфонот со растеглив екран е еден од одличните примери како би можела таа иднина да изгледа.
Новиот концепт телефон на Motorola користи флексибилен OLED екран (pOLED), кој овозможува екстремно свиткување и во овој случај – растегнување или ролање. Како и мобилните уреди на преклоп, како што е Razr, поентата е да се направи компактен уред, чиј екран по потреба може да се зголеми, за да можете многу поедноставно и поудобно да уживате во консумацијата на мултимедијални содржини, игри и се друго што е многу подобро да се гледа на голем дисплеј.
Rollable е концепт телефон со растеглив екран, што нуди голем екран, кога ви е потребен, а кој по потреба може да се вовлече, кога ви е потребен компактен уред што може да го собере во џеб. Со своите димензии, овој телефон со rollable екран претставува еден од најсестраните паметни телефони од 5 инчи, кој по потреба го трансформира својот компактен екран во 30% поголем формат со дијагонала од 6,5 инчи.
Преведено на познати димензии, кога е склопен, Motorola Rollable има помали димензии од iPhone 13 Mini, а расклопен достигнува димензии блиски до големиот iPhone 14 Pro Max.
Дека се работи за повеќе од само концептуален уред, говори и фактот што софтверот е прилагоден да ја скалира содржината на екранот според моментниот приказ и димензиите на екранот. За издвојување е и тоа што екранот, кога ќе се собере, има активна површина што се протега низ задниот дел на уредот, каде што прикажува кратки известувања и ви овозможува да правите селфи со главната камера, како што тоа го прават повеќето телефони на преклопување.
Дали овој концепт некогаш ќе влезе во масовно производство и ќе се пресели во продавниците, останува да видиме, бидејќи Motorola е компанија која паралелно развива голем број нови модели.