Galaxy S23 Ultra е новиот флегшип телефон на компанијата Samsung кој ги комбинира врвните перформанси и извонредниот систем на камери со убавиот и елегантен дизајн. Најмоќниот уред во S23 серијата ги подобрува практично сите аспекти што неговиот претходник го правеа најдобар паметен телефон на Android пазарот.
Текст и фото: Никола Бурагев
Samsung на почетокот на февруари во Сан Франциско ја претстави новата Galaxy S23 серија паметни телефони, кои на прв поглед само незначително се разликуваат од S22 моделите. Но, вистинската разлика се чувствува дури кога ќе почнете да ги користите уредите. Тоа посебно вреди за најмоќниот смартфон во серијата – Galaxy S23 Ultra, кој имавме прилика да го испробаме и тестираме неколку дена.
Од првиот момент кога го вклучивме уредот, стана јасно дека Samsung успеал да го унпареди сето она што беше добро кај S22 серијата. Пред се, тука мислиме на квалитетот на екранот, односно приказот на боите, кои и натаму се живи, но не толку неприродно јаки како кај претходната верзија. Но, уште по неколку минути користење, јасно е што е главната цел на Samsung – да направи уред кој ќе биде прв избор за сите оние кои сакаат да снимаат видеа и фотографии со речиси студиски квалитет во сите можни усливи. Во комбинација со S-Pen и екранот од 6,8 инчи, уредот е лесно да се претвори во подвижно студио за снимање и обработка на фотографии. А кога ќе се навикнете на големината на смартфонот во рака, се чини дека лесно би можел да ги замени таблет уредите или преносните компјутери на патувањата.
Дизајн
Дизајнерската линија што го следи новиот Samsung Galaxy S23 Ultra е препознатлива од 2019 година и моделот Note 10+. Широките рабови, со рамен горен и долен дел даваат доза на елеганција која е препознатлива и не може да се спореди со ниту еден друг телефон. Затоа минатата година, кога Samsung ја спои S серијата со Note моделот во највисокиот сегмент, го избра дизајнот на вториот.
Сметаме дека линиите на телефоните како Samsung Galaxy S и iPhone се препознатливи, импресивни, функционални и елегантни и нема што многу да се каже. Кога ќе ги ставите S23 Ultra и S22 Ultra еден до друг, нема шанси да препознаете кој е кој. Но, тоа секако не е лоша работа. Напротив. Вистинската разлика се чувствува под прстите, бидејќи страничните рабови на S23 не се толку заоблени, туку благо зарамнети, што овозможуваат овој телефон поубаво да лежи во рака.
Сите останати елементи, освен неколку линии што го пресекуваат алуминиумското куќиште, се наоѓаат на истите позиции. Според добро проверениот рецепт – ако е добро, не го менувајте. Тоа значи и дека селфи камерата е центрирана во средина на дисплејот, дека рабовите на екранот и задниот дел од куќиштето се малку закривени, како и дека во долниот лев агол има место за S Pen, кој е идентичен со оној од минатата година.
Со оглед на речиси идентичните димензии на S22 Ultra и фактот дека S23 Ultra е потежок за само шест грама, сепак може да заклучиме дека разликата се чувствува во рака? Дали се работи за различната форма на рамката или рамнотежата на новиот телефон, не сме навистина сигурни, но разликата сепак постои.
Екранот и натаму е најдобар
Освен осветленоста и заштитата, Samsung не го менува екранот уште од Galaxy S21 Ultra. Станува збор за одличен Dynamic AMOLED 2X со стапка на освежување од 120 Hz, што го претставува врвот на можностите на денешните дисплеи. Основната осветленост е декларирана на 1200 нита, а според потреба може да се зголеми и до 1750 нита, исто како кај минатогодишниот модел. Резолуцијата остана на 1440p, густината на пикселите на многу високи 500 ppi, а заштитата напредуваше до Gorilla Glass Victus 2 на предната и задната страна.
Стаклената заштита спречува гребнатини, но овој пат фокусот е повеќе на отпорноста на кршење при пад, бидејќи заштитниот слој убаво ги апсорбира ударите и не дозволува екранот лесно да напукне. Samsung по правило е првиот што ја донесува најновата генерација на заштитно стакло на своите премиум телефони, па таков е слуајот и со Gorilla Glass Victus 2.
Од друга страна, куќиштето од армиран алуминиум убаво го обвиткува телефонот, спречувајќи го екранот при пад да оствари контакт со тврди површини кои би можеле да го оштетат. Секако, станува збор за мали падови, па доколку спаѓате во групата на оние на кои често им се лизга телефонот од раце, треба да размислите за заштитно стакло и маска.
Ниту едно од нив не доаѓа во пакетот, како ни полнач, па тоа се трошоци кои компаниите се повеќе ги префрлаат на своите купувачи. За среќа, продавачите се подготвени да направат отстапки во форма на попусти на дополнителната опрема при купувањето, па затоа не е лоша идејата уште од старт да се опремите, кога ќе одлучите да купувате нов смартфон.
Конечно Snapdragon за сите
Она штo оваа година е променето се наоѓа во внатрешноста, а станува збор за Snapdragon чипсетот. Со години наназад слушавме дека Exynos е лош, дека повеќе ја троши батеријата и дека фотографиите се послаби, па навистина не интересира што сега ќе биде тема на полемика, кога Samsung одлучи Galaxy S23 серијата да користи исти чипови насекаде во светот.
Snapdragon 8 Gen 2 For Galaxy е специјална забрзана верзија на најмоќниот чипсет на Qualcomm со 1+2+2+3 распоред на јадра и новата графика Adreno 740. Најбрзото Cortex X3 јадро работи на 3,36 GHz. Следуваат по две Cortex A715 и A710 јадра на 2,8 GHz и три Cortex A510 јадра на 2 GHz. За потсетување, Snapdragon 8 Gen 1 имаше распоред 1+3+4 јадра, што е голема разлика во дизајнот.
Мемориската конфигуација остана иста. Најслабата верзија има 8 GB RAM и 256 GB простор за складирање, додека другите три: 256, 512 и 1024 GB доаѓаат со 12 GB. Иако се чини дека ништо не е променето, Snapdragon 8 Gen 2 бара промена во типот на складирање, кое сега е UFS 4.0.
За споредба, Samsung S22 Ultra користеше UFS 3.1 и кај Exynos и кај Snapdragon 8 Gen 1 варијантите. а перформансите на секвенцијално читање и пишување се двојно и повеќе од двојно поголеми кај UFS 4.0, со што се обезбедува сериозна разлика во перформансите. Ако се додаде на тоа и побрзата LPDDR5X меморија, јасно е дека и без промена на чипсетот постои многу побрза основа за обработка на податоци. Официјално цитираните бројки се 35% подобри перформанси со 40% подобра енергетска ефикасност за процесорот и 25/45% за графиката.
И натаму без полнач, но со импресивна автономија
Она што исто така не е променето е поддршката за батеријата и полначот. Се работи за истата батерија од 5.000 mAh, а бидејќи Samsung не испорачува полнач во пакетот, го користевме оној од 25 W. Со оглед на тоа што не забележавме речиси никаква разлика помеѓу полначите од 25 и 45 вати кај S22 Ultra, претпоставуваме дека и оваа година состојбата е иста. Во секој случај, полнењето трае точно еден час, а за половина час батеријата покажува 64%, што е во опсегот на просечен смартфон од средна класа и навистина, ако има некоја поплака насочена кон Samsung и Apple, тоа е поддршката за побрзи полначи. Поддржано е и безжично полнење со моќност од 15 W и 4,5 W реверзибилно.
Кога станува збор за автономијата на батеријата, во паралелниот тест на S22 Ultra и S23 Ultra, забележавме сериозна разлика што го одразуваше субјективниот впечаток при тестирањето. По нашиот 10-часовен тест за репродукција на YouTube видео со осветленост на екранот од 50%, S23 Ultra имаше 62% траење на батеријата, наспроти 45% колку што покажуваше батеријата на S22 Ultra.
Во секојдневни услови, новиот чипсет секако има подобра енергетска ефикасност, па сега можете да сметате на ден и пол до два дена користење пред да барате полнач. Секако, оние што многу го користат телефонот тешко ќе го дочекаат утрото наредниот ден без да треба да го надополнат телефонот, што е во согласност со водечките телефони од новата генерација.
Android 13 и One UI 5.1
Од софтверска страна, тука е Android 13 со One UI 5.1, кој пред некој ден се прошири и на останатите телефони од Galaxy S и Z сериите, кои го имаа One UI 5.0. Нема премногу разлики помеѓу One UI 5.0 и 5.1, а во случајот со моделот со S-Pen, се однесуваат на козметички, инкрементални и одредени функционални подобрувања само не некои места.
Она што ни се допадна беше имплементацијата на апликацијата Expert Raw како модул во рамките на камерата, како и некои ситници, како кругот што помага да се остане смирен, за да не се заматат сликите во ноќниот режим.
Импресивни камери
Секако, кога станува збор за Samsung Galaxy S моделите, перформансите на камерите се она што сите ги интересира, а овој пат, Samsung го следеше примерот на конкурентите, задржувајќи го стариот систем на камерата со унапредување само на главниот сензор. Главната камера доби нов сензор, ексклузива од домашната кујна – ISOCELL HP2 со монструозни 200 MP, со пиксели од 0,6 микрометри. Велиме ексклузива, бидејќи сензорот што на пример го користи Motorola Edge 30 Ultra HP1, има сосема различни димензии и големина на пиксели, слични на сензорот кај S22 Ultra.
Што се однесува до резолуцијата, Samsung нуди стандардни фотографии со групирање на 16 соседни пиксели, со што се добиваат импресивни фотографии со резолуција од 12 MP, а доколку сакате, можете да ја користите и 50 МП опција, кога сензорот групира четири соседни пиксели. Мораме да напоменеме дека резолуцијата на фотографиите направени со целоснагта сила на сензорот изнесува монструозни 16.320×12.240 пиксели.
Објективот пред овој сензор е стабилизиран, има отвор на бленда од f/1,7 и еквивалентна фокусна должина од 23 mm, што дава прилично широк почетен кадар. Главниот сензор има нов Super QPD автофокус, кој моментно ги детектира деловите на кадарот по хоризонталната и вертикалната оска, за молскавично остри фотографии во најразлилни услови.
Системот за телефото камера на задната страна не е променет и се работи за два IMX754 сензори од 10 MP со 3x и 10x оптички зум и стабилизација, од кои вториот е перископ сензор. Широкоаголната камера е малку поинаква, со инкрементално подобрување на сензорот од IMX563 на IMX564 со исти спецификации: 12 MP, f/2.2 со фазен автофокус за откривање фаза од два пиксели и видно поле од 120 степени. Она што е променето оваа година е предната камера. Наместо неколку години стариот тетрапиксел сензор од 40 MP, S23 Ultra сега има 12 MP in-house S5K3LU сензор со f/2.2 бленда, широк агол и автофокус.
И пред да ги споредиме фотографиите на компјутер, разликата од општиот изглед на фотографиите на екранот на телефонот е евидентна. Со новиот сензор и новиот процесор за обработка на сликата, Galaxy S23 Ultra со главниот сензор има тенденција со нешто посилни и поживи бои, со генерално потопол и поатрактивен приказ во однос на неутралниот и поприроден приказ кај S22 Ultra.
S22 Ultra се одликуваше со класичен, неутрален приказ, со природни, меки рабови, додека камерата на S23 Ultra е доста поодлучна, со подетален приказ, живи бои, но и со забележително подобар динамички распон, за изглед кој повеќе влече кон HDR. Во суштина, телефонот ќе ја „среди“ фотографијата наместо вас, што и не е толку лошо. За оние кои сакаат да ги средуваат своите фотографии, ова може да биде проблем, но на останатите 99 проценти од корисниците, тоа веројатно воопшто нема да им пречи. Поширокиот динамички распон и поголемата резолуција даваат поголема количина на детали, а се чини дека е засилен и алгоритмот за отстранување на шумот, па S23 Ultra малку поагресивно се бори со зрнестите делови.
Финален впечаток
S22 Ultra е исклучителен телефон, со исклучителни камери, а S23 Ultra има задача да го наследи фантастичниот телефон од минатата година. Разликите можеби за некого изгледаат академски, но тие се ласерски прецизно имплементирани токму онаму каде што е потребно. Зачувани се исклучителниот дизајн, најдобриот екран меѓу смартфоните, најдобриот систем на камери, со уште подобар главен сензор и малку дотерани други камери. Батеријата е подобрена, перформансите се зголемени и единственото вистинско место каде што има простор за подобрување е полначот.
Флексибилноста на овој систем на камери не постои кај ниту еден друг смартфон на пазарот. Не зборуваме само за лудото ниво на зум, туку и за импресивната резолуција на главниот сензор и флуидноста при работа со такви импресивни спецификации. Ова е само почетната верзија на софтверот, а S22 Ultra доби значително подобри перформанси на камерата само по шестмесечно ажурирање, што значи дека S23 Ultra може со текот на време да биде само подобар.
Galaxy S23 Ultra се продава во Македонија по препорачана малопродажна цена од 83.999 денари.
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Galaxy S23 Ultra |
|
Екран |
|
Димензии и тежина |
78.1 х 163.4 х 8.9 мм, 234 гр |
Процесор |
Snapdragon® 8 Gen 2 мобилна платформа за Galaxy |
Камера |
12MP ултраширока камера
• F2.2, FOV 120˚ 200 MP широка камера • F1.7, FOV 85˚ 10MP телефото камера • 3x Optical Zoom, F2.4, FOV 36˚ 10MP телефото камера • 10x Optical Zoom, F4.9, FOV 11˚ 12MP предна камера • F2.2, FOV 80˚ |
Меморија |
|
Батерија |
5,000mAh |
Полнење |
|
OS |
|
Мрежа и поврзување |
5G, LTE, Wi-Fi 6E, Wi-Fi Direct Bluetooth® v 5.3 |
Безбедност |
Samsung Knox, Samsung Knox Vault |
Водоотпорност |
IP68 |
Оценка |
5/5 |