Најновата функција која ја пружа Microsoft Edge користи машинско учење за подобрување на квалитетот на онлајн видеата со ниска резолуција.
Microsoft Edge, меѓу корисниците попознат како најдобар веб-прелистувач за инсталирање на Google Chrome, веќе подолго време упорно се обидува да ја испрати таквата репутација во минатото. Иако ваквите обиди главно останаа незабележани од корисниците, се чини дека популаризацијата на вештачката интелигенција е всушност вистинска можност за Microsoft да направи вистинска промена во овој поглед и да се обиде да го издвои Edge од останатите.
По интеграцијата на Bing Chat AI можностите, Microsoft најави и нова функција која користи вештачка интелигенција за нешто што ќе им значи на сите корисници – да го подобри квалитетот на видеата што ги гледаат онлајн. Функцијата наречена Video Super Resolution или VSR е достапна како експериментална имплементација за Edge и користи машинско учење за да го подобри квалитетот на видеата со ниска резолуција
„Ова се постигнува со отстранување на квадратните артефакти предизвикани од компресија на видеото, како и со скалирање на видеото до повисока резолуција за корисниците да можат да уживаат во поостриот приказ на YouTube видеата и другите платформи за видео стриминг“, се наведува во постот на Edge Insiders блогот.
Поради сложеноста на обработката на видеото на овој начин, VSR функцијата моментано е достапна само за корисниците на графички чипови од Nvidia RTX 20, 30 и 40 сериите или AMD графиката од RX5700 до RX7800 сериите. Nvidia неодамна овозможи слична функција во своите драјвери наречена RTX Video Super Resolution, но VSR не зависи од графиката на еден производител.
Microsoft најави дека работи и на поддршка за автоматска Hybrid GPU поддршка на лаптопите со интегрирана и дискретна графика. Во меѓувреме, корисниците може да се обидат да ги променат поставките за да го принудат Edge да работи на дискретна графика.
Во актуелната верзија, VSR може да работи со видео до 720p резолуција, но со висина и ширина не помала од 192 пиксели и на уреди кои се поврзани на напојување (не на батерија). Функцијата е достапна на Canary каналот на Windows Insider програмата и само за 50 проценти од корисниците кои ги исполнуваат горенаведените хардверски барања. По активирањето, корисниците можат да ја видат HD иконата во лентата за адреси на прелистувачот Edge.