Претставник на компанијата изјави дека Meta размислува за нова децентрализирана социјална мрежа за текстуални пораки, слична на она што го нуди Twitter.
Откако тивко се откажа од метаверзумот, компанијата Meta размислува за нова социјална мрежа, која има слични принципи на работа како Twiter на Елон Маск.
Во официјална изјава за Ројтерс, претставник на компанијата Meta истакна: „Истражуваме самостојна децентрализирана социјална мрежа за текстуални пораки. Веруваме дека постои можност за посебен простор каде креаторите и јавните личности ќе можат да споделуваат навремени вести за своите интереси“.
Индискиот сајт за деловни вести Moneycontrol.com беше првиот што ја објави веста утрово, повикувајќи се на свои извори. Во извештајот се наведува дека новата апликација на Meta ќе поддржува ActivityPub, децентрализиран протокол за социјално вмрежување кој го покренува Mastodon, ривал на Twitter, кој доживеа популарноста кога Twitter повлече одредени многу дискутабилни потези.
Интересно е да се забележи дека Twitter и Facebook се мрежи контролирани од една компанија, додека децентрализираните платформи како Mastodon се инсталирани на илјадници компјутерски сервери и главно се управувани од администратори волонтери кои заедно ги здружуваат своите системи.
Новата апликација на Meta најверојатно ќе биде брендирана под капата на Instagram, што би овозможило едноставна регистрација и најавување преку постоечките сметки, се наведува во извештајот.