Од нуклеарната катастрофа во Чернобил поминаа 37 години, но радијацијата во напуштениот град Пипат сѐ уште е на опасно ниво. Додека населението е преселено и рехабилитирано, нуклеарната централа и нејзината околина остануваат дом на генерации кучиња.
Во новата студија објавена во списанието Science Advances, тим од научници од САД, Полска и Украина извршија генетска анализа на кучиња што живеат во и околу радиоактивната средина. Истражувањата покажаа дека кучињата изложени на радиоактивност се генетски различни од кучињата што живеат подалеку, односно кучињата во остатокот од светот.
Претходните истражувања покажаа дека нуклеарните катастрофи имаат огромни еколошки последици за дивите и домашните животни. Сепак, нивото на радијација беше без преседан во тоа време, и иако тоа се намалуваа со текот на годините, ефектите врз популацијата на кучиња, што полека ја „освоија“ областа, допрва треба да се видат.
Се проценува дека околу 800 кучиња живеат во и околу зоната на Чернобил. Поради зголемувањето на нивниот број, во 2017 година беше формирана Иницијативата за истражување на кучиња во Чернобил (ЦДРИ). Оваа организација собрала примероци од крв од 302 кучиња и ги зачувала за понатамошни истражувања, вклучително и онаа објавена во споменатото списание.
Во новото истражување, истражувачите ја проучувале и анализирале генетската структура на 302 кучиња, кои живеат на различни растојанија од местото на катастрофата, односно во Славутич (45 км), Чернобил (15 км) и внатре во самата нуклеарна централа Чернобил. Ова беше направено за да се види разликата во изложеноста на радијација врз основа на оддалеченоста од местото на катастрофата.
На почетокот научниците веруваа дека кучињата можеби се „побратимиле“ и се размножувале толку многу што нивниот генетски состав би можел да биде ист, но тоа не е случај.
Истражувањето открива дека иако кучињата се движат помеѓу овие три локации и слободно се размножуваат, сепак може да се разликуваат преку ДНК од кучињата што живеат подалеку. Иако научниците експлицитно не тврдат дека зрачењето е причина за оваа генетска разлика, ова истражување потенцијално може да помогне во понатамошни геномски студии.
Истражувањето исто така укажува дека овие кучиња постоеле на овие простори долго време, потенцијално од катастрофата или уште порано. Се верува дека повеќето од кучињата биле оставени од нивните сопственици кога биле принудени да се евакуираат. Украинското Министерство за внатрешни работи уште во 1986 година иницирало убивање на напуштени миленичиња, но се верува дека некои успеале да побегнат и да се спасат.