Доколку имате Apple Watch и останати паметни додатоци за домот од екосистемот на Apple, можеби во иднина би можеле да ги поврзете така што паметниот часовник ќе ги чита вашите гестови со рака и ќе ги претвори во команди
Apple TV, HomePod и разните паметни домашни уреди поврзани со HomeKit на Apple би можеле да се поврзат на друг начин во иднина. Покрај тоа што сега може да се контролираат преку iPhone или виртуелниот асистент Siri, во Apple замислија дека контролирањето на IoT додатоците во домот може да се направи и со гестови на рацете. Но, само доколку на раката е нивниот паметен часовник – Apple Watch.
Оваа идеја е опишана во патент, кој Apple го достави до Канцеларијата за патенти на САД, кој сè уште не е одобрен, но неодамна стана јавно достапен. Компанијата посочува дека основата на опишаната технологија се низа сензори, кои се наоѓаат во паметните часовници и другите уреди за носење, а кои се способни да препознаваат гестови и движења на рацете – акцелерометри, жироскопи и магнетометри. Покрај тоа, технологијата би се базирала и на безжични мрежи (UWB, Bluetooth), со кои часовникот би комуницирал со другите поврзани уреди.
Како што е наведено во пријавата за патентот, часовникот би можел да препознава движења на рацете и прстите, а одредени нивни гестови би биле предодредени за дејствија како што се избирање на активниот уред, негово вклучување и исклучување, контрола на репродукција на музика, јачина на звук и слично. Според тоа, корисниците би имале можност само да „мавтаат“ на уредот, а тој потоа ќе го направи она што се бара од него.
Сетот гестови, кој би служел како „далечински управувач“, би бил конечен, а истиот гест би се користел за контрола на повеќе уреди – така што ќе биде важно да се вгради гест за избор на уредот што треба да се контролира. Во позадина на се, би работеле алгоритми за машинско учење кои би имале задача да ги препознаваат движењата и положбите на рацете, т.е. да се одвојат ненамерните движења од гестовите, со кои корисникот свесно би сакал да контролира некој друг уред на Apple.