Американската компанија Amogy Inc. со седиште во Њујорк има намера пред краjот на годината да го претстави својот прв брод на амонијак во светот. Доколку се оди според планот, продажбата на бродот ќе почне во 2024 година.
Поморскиот транспорт се наоѓа во незгодна ситуација затоа што е одговорен за 3 проценти од глобалната карбонска емисија, па индустријата е подготвена да премине на позелени начини на транспорт. Сепак, технологијата од типот електрични батерии која денес е достапна не може да поддржи транспорт на големи растојанија. Од друга страна, амонијакот е алтернатива која доста ветува, но сепак мора да се докаже.
Компанијата Amogy е основана во 2020 година и има за цел декарбонизација на транспортот на товар преку своите решенија на база на амонијак. Минатата година компанијата покажа дека амонијакот напојува тешка машинерија како трактори и камиони, а сега сака да ја демонстрира својата технологија за бродови, почнувајќи од бродови за влечење. Иако овие бродови не се првата асоцијација кога станува збор за морски бродови, сепак имаат битно место во оваа индустрија и често се користат за извлекување големи бродови на море.
Бродот за влечење кој го реконструираше Amogy е направен во 1957 година и користи дизел генератори за напојување на електричните мотори. Компанијата планира да го замени дизел генераторот со таков што користи амонијак, а она што го прави уникатен е дека генераторот од 1MW има трипати поголема моќност во споредба со тој што се користеше за демонстрацијата на камиони.
Амонијакот можеби нема енергетската густина како дизелот, но неговото согорување не доведува до емисија на јаглерод. Сепак, моментно неговото производство е извор на емисија на гасови, но се вложуваат напори наскоро да може да се произведе „позелен“ амонијак.
Плановите на споменатата компанија можат да бидат спречени од други компании кои веќе работат на реализација на истите планови.
Кој ќе ја добие титулата е помалку важно, бидејќи на светот му требаат повеќе иновации за да се декарбониизира поморскиот транспорт. Секој придонес ќе игра улога ако светот сака да ја постигне таа цел до 2050 година или порано.