Функцијата Nearby Sharing е практично решение за споделување фајлови и друга содржина, но работи само на компјутери со Windows 10 или 11. Оваа бесплатна апликација овозможува истата функција да се користи директно од паметните телефони со Android
Nearby Sharing е практична можност која ви овозможува лесно да споделувате фајлови и линкови до веб-локации и друга содржина користејќи Bluetooth или безжична мрежа помеѓу компјутерите со Windows 10 или 11, додека Nearby Sharing Windows е апликација за Windows која, како што веројатно претпоставувате, овозможува делумно користење на оваа функција на телефоните со Android.
Треба да се има предвид дека апликацијата моментно може да испраќа фајлови само на компјутери и не може да ги прима, иако авторот на апликацијата најави дека и тоа ќе биде поддржано во иднина. Целата работа функционира сосема едноставно; овозможете Nearby Sharing на компјутерот, а потоа испратете го фајлот преку апликацијата на паметниот телефон.
Најлесен начин да го направите ова е да ги отворите поставките во Windows (притиснете ја комбинацијата на копчиња Win+R и потоа напишете ms-settings:crossdevice) и потоа вклучете ја опцијата Nearby Sharing (исто така треба да бидете сигурни дека Bluetooth е вклучен и на телефон и на компјутер). Потоа, само допрете го копчето Send, изберете го фајлот што сакате да го испратите, притиснете ја иконата на компјутерот која автоматски ќе биде детектирана и на компјутерот само одобрете го приемот на фајлот.
Апликацијата, помалку или повеќе, работи добро, но бидејќи се работи за проект кој се уште се развива, повремено се појавуваат одредени проблеми, па тоа дефинитивно треба да го имате на ум. Сепак, за оние кои сакаат да ја користат функцијата Nearby Sharing вградена во Windows со својот Android смартфон, ова можеби е најдобриот начин да го направат тоа.