Иако Apple одамна го претстави својот гласовен асистент, поранешен вработен во компанијата вели дека Siri се базира на лош код и не верува дека ќе може да се натпреварува со ChatGPT.
Вештачката интелигенција дефинитивно во моментов е најголемиот тренд во технолошката индустрија што ниту една компанија не смее да го игнорира. Додека компаниите како Google, Microsoft, Meta и други се споменуваат во контекст на напредната вештачка интелигенција, Apple е во втор план. Тим Кук и водечките луѓе на компанијата сакаат тоа да го променат.
Минатиот месец Apple го одржа својот AI самит, за чија важност најдобро говори податокот дека ова беше нивниот прв настан по долго време што се одржуваше во живо, и на кој вработените беа информирани за напредокот постигнат во областа на машинско учење и вештачка интелигенција. Според луѓето кои беа на тој состанок, кои анонимно го споделија своето знаење со медиумите, развојниот тим на Siri веќе активно тестира јазични модели благодарение на кои треба да бидат подобрени можностите на гласовниот асистент на Apple.
Кои се плановите на Apple со вештачката интелигенција и Siri останува да се види, но еден поранешен инженер на компанијата верува дека на Apple ќе му треба една година да додаде посложени опции во гласовниот асистент. Џон Бурки работи на развојот на Siri уште од раните денови и вели дека асистентот е изграден на лош код за кој се потребни недели само за да се надградат основните опции и не верува дека гласовниот асистент на Apple може да стане креативен како ChatGPT.
Моментно, Siri е обучен да може да одговара само на прашања кои се веќе интегрирани во неговиот код, а ако на гласовниот асистент на Apple му поставите прашање за кое не е обучен, ќе добиете одговор дека Siri не може да ви помогне.
Со ChatGPT, јасно е дека започна трката за вештачка интелигенција која ниту една компанија не смее да ја загуби, а овој четбот веќе влијаеше на промената на приоритетите на бројни технолошки компании. За кратко време, компаниите како Apple, Amazon, Tesla и други, според неодамнешниот извештај на DigiTimes, одлучија да го променат својот пристап кон развојот на вештачката интелигенција, односно фокусот на работа во голем дел ќе го префрлат на AI.