Тим научници ја креираше првата детална мапа на дистрибуција на вода на Месечината со помош на податоците од веќе „пензионираната летечка лабораторија“ SOFIA (Стратосферска опсерваторија за инфрацрвена астрономија), која е Boeing 747SP со телескоп.
Истражувањето објавено во The Planetary Science Journal, дава нов увид во движењето на водата на површината на Месечината и дополнителни важни податоци потребни за претстојните мисии Artemis на NASA, кои имаат за цел да испратат астронаути да го истражуваат лунарниот јужен пол.
Телескопот SOFIA престана да се користи на крајот на 2022 година, главно поради буџетски проблеми. Овој телескоп е поставен во адаптиран Boeing 747 кој летал на височина до 12.800 метри, што значи дека се наоѓал над 99,9 проценти од испарувањето на вода на Земјата и го опфаќа поголемиот дел од инфрацрвените зраци што ги „фатила“ опсерваторијата.
Новата мапа создадена со помош на собраните податоци покрива четвртина од површината на Месечината свртена кон Земјата под 60 степени географска ширина, вклучувајќи го и јужниот пол на Месечината.
„Кога ги гледаме податоците за водата, всушност можеме да видиме рабови на кратери, можеме да видиме поединечни планини, па дури и разлики помеѓу дневната и ноќната страна на планините поради поголемата концентрација на вода на овие места“, рече Бил Рич, директор на Научниот центар SOFIA и главен автор на студијата.
Користејќи ги новите податоци, научниците успеаја да утврдат како водата е поврзана со одредени површински карактеристики на Месечината, како и како ги фаворизира студените области и се држи подалеку од сончева светлина.