Во Загреб се одржа научно-стручниот собир „Тутунот и тутунските производи-вчера, денес и утре“, на кој беа елаборирани и Предизвиците за производство на тутун во Македонија
Проф.д-р Миле Маркоски, кој ја извршува функцијата Продекан за наука и соработка со економијата и развојот, а воедно е и вонреден професор на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје ја елаборираше презентацијата „Предизвиците за производство на тутун во Македонија“, која ја подготви заедно со Проф.д-р Ромина Кабранова, во рамките на научно-стручниот собир „Тутунот и тутунските производи-вчера, денес и утре“ што се одржа во Загреб.
Според професорите, Македонија има долга традиција во производството на тутун, кое претставува значајна земјоделска дејност и зазема значајно место во агроиндустрискиот комплекс и целатаекономија. На територијата на денешна Македонија тутунот почнал да се одгледува во поголем обем во 18 век, а почетоците на индустриското производство на тутун датираат од втората половина на 19 век.
„Нашата држава е препознаена од светските тутунски компании како земја во која има поволни земјишни, климатски и економски услови за производство на квалитетен тутун и тутунски производи.Во услови на современо управување, тутунот ќе го даде својот максимален биолошки потенцијал само со примена на современи агротехнички мерки, односно со соодветна примена на добра земјоделска практика (ДЗП). Правилата на добра земјоделска практика се и водич за тутунопроизводителите за да се избегнат штетните влијанија врз животната средина (почвата, водата и воздухот) за време на производството на тутун. Дел од наведените практики во кодексот на ДЗП се во согласност со европските регулативи и не се обврзувачки за тутунопроизводителите, што значи дека имаат карактер на препорака, за разлика од препораките и практиките кои произлегуваат од домашното законодавство и се обврзувачки“, објасни Маркоски.
Професорот во своето излагање посочи дека производството на тутун во Македонија ги исполнува своите обврски кон ЕУ и обврските кои произлегуваат од потпишаните и ратификуваните меѓународни документи.
„Нашата држава, како значаен светски производител на тутун, потпиша и ратификуваше важни меѓународни документи за ограничување и контрола на производството на тутун и тутунски производи. Посебно се значајни два документа од меѓународен карактер, таканаречената Варшавска конвенција: СЗО Европа без тутун, усвоена на Конференцијата на европските министри во 2002 иРамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) на СЗО од 2023. година. Иако Конвенцијата нема за цел да го забрани производството на тутун, туку да воведе индиректни мерки кои ќе го намалат производството, имплементацијата на оваа конвенција е тешка во целиот свет, посебно во земјите во развој. Дури и некои високоразвиени земји (САД, Швајцарија, Аргентина) сè уште не ја ратификуваа оваа конвенција, а многу од земјите што ја ратификуваа, не ги спроведоа целосно мерките и обврските што произлегуваат од неа“, истакнаа авторите.
Според нив, во следните години ќе се одвиваат неколку паралелни процеси кои ќе влијаат на одгледувањето на тутунот во нашата земја.
„Првиот притисок ќе бидат пазарните механизми. Паралелно со намалувањето на зачестеноста на пушењето, што влијае на вкупната побарувачка за тутун, може да се очекува и зголемување на производството на ориентален тутун од некои нетрадиционални производители, како Либан, Тајланд и други. Иако квалитетот на македонскиот тутун е висок, ориенталниот тутун ќе му обезбеди соодветна позиција на светскиот пазар. Друг елемент што ќе влијае на атрактивноста на одгледувањето тутун е приходот, односно добивката остварена по единица засадена површина“.
Во своето излагање, професор Маркоски потенцираше дека откако земјата ќе влезе во ЕУ, ќе мора да се напушти сегашниот систем на субвенционирање на земјоделците врз основа на количината на произведен тутун, што ќе придонесе за сериозно намалување на атрактивноста за одгледување на оваа култура. Според него, треба да се очекува и благ притисок од меѓународната заедница, вклучително и од ЕУ, со цел Македонија да ја намали површината на која се одгледува тутун.
„Намалувањето на одгледувањето тутун, без подготовка на дел од тутунопроизводителите кои се подготвени да преминат на одгледување алтернативни култури, би имало негативни економски и социјални импликации за државата, односно ќе резултира со губење на работни места и значителен приход што тутунопроизводителите го добиваат од одгледувањето на оваа земјоделска култура, како и со губење на приходите од извозот“.
Во овој контекст, се поставува и проблемот со користење на постоечките земјоделски површини под тутун и прашањето за нивна пренамена за алтернативна намена. Според теренското истражување на 2.205 фарми за тутун во земјава, спроведено како дел од проектот „Градење на темелите за реформи во тутунскиот сектор (EUROPEAID/138538/ IH/SER/MK)“, само 30 проценти од анкетираните производители се подготвени да диверзифицираат нивното производство.
„Особено е важно што 33,9 отсто од оние кои сакаат да го диверзифицираат своето производство на тутун не знаат со што да го заменат. Ова покажува дека постои потенцијал за диверзификација, но дека е неопходно да се подготви добра стратегија за овој процес. По усвојувањето на стратегијата, треба да се работи на едукација и информирање на тутунопроизводителите во Македонија. Колку побрзо започне овој процес, толку подобро. Доколку почетната фаза на диверзификација со алтернативни култури се покаже успешна, тоа ќе има поволно влијание и врз преостанатите тутунопроизводители“, нагласуваат авторите на студијата.
Во презентација на научно-стручниот собир „Тутунот и тутунските производи-вчера, денес и утре“, Маркоски истакна дека при креирањето на стратегијата или моделот за диверзификација на земјоделските култури (Crop diversification models), потребно е да се земат предвид неколку релевантни аспекти.
„Најпрвин, експертите од областа на земјоделството и педолозите треба да предложат решение за можни алтернативни земјоделски култури кои би го замениле тутунот. Потоа, алтернативните култури треба да обезбедуваат исти или поголеми приходни ефекти од тутунот. Трето, потребно е да им се обезбеди финансиска и друга поддршка на земјоделците кои ќе преминат од одгледување тутун во друга земјоделска дејност, која ќе биде усогласена со досегашните политики на Заедничката земјоделска политика на ЕУ. Четврто, во пазарната економија, индивидуалните тутунопроизводители (во Македонија 58,4% од земјоделското земјиште под тутун е во приватна сопственост, 27,9% е под закуп од приватни лица, а само 6,8% е државно земјиште) сами одлучуваат што ќе произведат, како ќе го произведуваат и за кого ќе го произведуваат. И на крај, покрај субвенциите, значајна компонента на моделот на подигање на земјоделските површини под тутун со алтернативни земјоделски култури е политиката на откуп на алтернативни земјоделски култури“, истакна Проф.д-р Миле Маркоски.