Google повеќе нема да го продава својот Google Glass уред кој требаше да ја започне револуцијата за проширена реалност и делумно да ги замени модерните смартфони.
Google оваа недела објави дека повеќе нема да ги продава Google Glass очилата, кои беа дизајнирани да го пренесат искуството со проширена реалност (AR) на пошироката јавност. Ако ова ви изгледа како дежа ву, не сте единствените, бидејќи ова е втор пат кога слушаме вести за гаснење на овој проект.
Оригиналниот Google Glass беше лансиран во 2013 година, долго пред проширената реалност да стане „голема работа“ во индустријата, која требаше да стане револуционерна нова платформа. Очилата нудеа екран кој проектира слика блиску до очите и вградена камера, овозможувајќи да се видат одредени информации пред вас или да фотографирате/видеа од околината.
Иако некои технолошки ентузијасти го прифатија уредот, тој беше исмеан поради неговиот „немирен“ изглед, ограничената функционалност и потенцијалното нарушување на приватноста на луѓето околу корисникот.
Оригиналната верзија на AR очилата беше укината во 2015 година, а две години подоцна Google објави нов производ – Google Glass Enterprise Edition. Амбициите за новиот производ беа малку поинакви, бидејќи идејата беше дека оваа верзија ќе биде од корист за индустриите како што се медицината и градежништвото. Новата верзија наречена Google Glass Enterprise Edition 2 беше објавена во 2019 година, а Google ја згасна оваа недела.
Дополнително, Google ќе ја прекине поддршката за сите модели на Google Glass до септември оваа година, што значи дека секој што купил еден од моделите ќе има малку повеќе време да го користи уредот, по што голем број претходно инсталирани апликации како што се Google Meet за видео повици преку AR очилата престануваат да работат, пишува PopSci.com.
Google не објави никакви планови за повторно лансирање на Google Glass брендот после ова, но познато е дека компанијата работи на нов AR уред.
Во 2020 година, технолошкиот гигант го купи North, производител на паметни очила и оттогаш работи на нов производ познат само по кодното име „Project Iris“, кој ако може да им се верува на различните извештаи, потсетува малку на гломазните ски очила.
Конкурентите Apple и Meta исто така работат на AR очила со цел да ги лансираат во одреден момент во иднина, но различните ограничувања, посебно кога станува збор за батериите, сугерираат дека ќе помине одредено време додека да ги видиме на пазарот.