Ако се гледаат сите купувачи на iPhone во САД во 2022 година, мажите почесто ги купуваа Pro или Pro Max моделите на iPhone 13 и 14, додека жените ги избираа стандардните верзии
Не е тајна дека мажите и жените се разликуваат на многу начини, вклучително и во изборот на мобилен телефон. Според новиот извештај на компанијата за истражување на пазарот, Consumer Intelligence Research Partners (CIRP), при купување на iPhone, мажите најчесто ги избираат Pro моделите, додека жените претпочитаат да ги купат стандардните уреди.
„Пронајдовме суптилни, но сепак значајни разлики во поседувањето на iPhone помеѓу мажите и жените. До степен во кој постои мода на пазарот на паметни телефони, родовите разлики во преференците на моделите не треба да не изненадуваат. Накратко, машките купувачи имаат тенденција да избираат поскапи, премиум модели на iPhone“, објаснуваат истражувачите од CIRP.
Имено, според примерокот на сите купувачи на iPhone во 2022 година во САД, 12 отсто од жените купиле iPhone 14 или iPhone 14 Plus, додека 8 проценти од мажите се одлучиле за овие модели. Од друга страна, 41 отсто од мажите минатата година ги избрале Pro или Pro Max верзиите на iPhone 13 и iPhone 14, додека 33 отсто од жените го направиле истото.
Сепак, половите се повеќе усогласени кога станува збор за поседување постари iPhone уреди. На пример, 37 отсто од машките и женските корисници имаат iPhone 12 и iPhone 13 во основна или мини верзија. Кога станува збор за најевтиниот модел на iPhone SE, тој го користат 7 проценти од мажите и жените.
Не се знае точно зошто има разлика помеѓу мажите и жените при изборот на iPhone, а како што наведуваат од CIRP, тоа не сакаат ниту да го откријат.
„Нема да истражуваме пошироки родови прашања за мотивацијата зад изборот на iPhone. Нашата база на податоци не се занимава со егото, технолошката удобност, навиките за снимање селфи или големината на рацете при изборот на мобилен телефон. Ваквите шпекулации им ги оставаме на читателите“, забележуваат од CIRP.