Поминаа речиси шест месеци откако Apple ја претстави iPhone 14 серијата, составена од четири модели: iPhone 14, iPhone 14 Pro, iPhone 14 Pro Max и новиот iPhone 14 Plus. Последниот пристигна како замена за iPhone 13 Mini, а всушност е наменет за сосема различни корисници – оние кои сакаат големи телефони. Кој iPhone е попопуларен?
Apple ги испорача iPhone 12 и iPhone 13 сериите со Mini модели. Тие беа најевтините членови на овие серии и воедно најмали. Сепак, според различни извештаи, компанијата не ги забележала очекуваните продажни резултати од овие телефони. Поради тоа, Apple минатата година го укина Mini моделот и го воведе iPhone 14 Plus. Тогаш се поставуваше прашањето дали ова е вистински потег на американската компанија. Сепак, новите извештаи ни даваат одговор на тоа прашање.
Севкупно, според неодамнешните извештаи на Консултантите за снабдувачки синџири на екрани (DSCC), iPhone 14 серијата е само малку попопуларна од претходната iPhone 13 серија. Станува збор за зголемување на испораката на екрани за iPhone 14 моделите од само 2% во однос на истиот период лани при испораката на дисплеи за iPhone 13 уредите. Најпродавани модели се очекувано iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max, додека продажбата на iPhone 14 падна за 36% во споредба со продажбата на iPhone 13 во истиот период минатата година.
Овој извештај ја решава и дилемата „мини против плус“. Имено, открива дека испораката на екрани на iPhone 14 Plus е дури 59 проценти поголема во споредба со iPhone 13 Mini.
Сепак, и покрај оваа доминација во однос на минатогодишниот модел, iPhone 14 Plus сè уште е најмалку популарниот модел во iPhone 14 серијата.