Huawei наведува дека Watch Ultimate е наменет за професионални нуркачи, главно затоа што може да издржи потопување до длабочина од 110 метри
Huawei на денешниот настан во Кина го претстави својот најнапреден паметен часовник досега. Станува збор за моделот Watch Ultimate кој се наоѓа веднаш над GT 3 Pro, а кој барем според тврдењата на Huawei е наменет за професионални нуркачи.
Huawei Watch Ultimate доаѓа со 1,5-инчен LTPO AMOLED екран, чија стапка на освежување се движи од 1 до 60 Hz. Батеријата со капацитет од 530 mAh би требало да издржи 14 дена користење за просечните корисници, додека автономијата изнесува околу осум дена за оние кои поактивно ќе го користат часовникот. Има и поддршка за Qi безжично полнење, со кое часовникот достигнува 100 проценти за 60 минути.
Куќиштето на часовникот е изработено од метал на база на циркониум, додека круната е керамичка, а екранот е заштитен со сафирно стакло.
Часовникот има стандардни сензори за отчукување на срцето, отчитување на кислородот во крвта и ЕКГ, но она што особено го истакнува е неговата отпорност на вода. Имено, Huawei вели дека Watch Ultimate може да издржи потопување до 110 метри, сето тоа благодарение на тоа што куќиштето има 16 водоотпорни структури, ISO 22810 и EN13319 стандарди.
За планинарите и авантуристите, Watch Ultimate има и функција Expedition Mode, која ги користи можностите за позиционирање на пет GNSS системи со двојна фреквенција. Часовникот ќе биде достапен за купување во Европа следниот месец во две верзии – Expedition Black со гумен ремен и Voyage Blue со метална нараквица. Цените за нашиот пазар засега не се познати.