Nothing Ear (2) слушалките се претставени со препознатлив, транспарентен визуелен идентитет, но и подобрени драјвери од 11,6 мм, Active noise cancellation и поддршка за LHDC 5.0
Минатото лето, Nothing ги лансираше своите први безжични слушалки, Ear (1) со транспарентен дизајн. Речиси осум месеци подоцна, компанијата основана од OnePlus го претстави наследникот на овие слушалки – Nothing Ear (2).
На прв поглед, евидентно е дека дизајнот на слушалкитре не е значително променет. Сепак, она што е ново е поддршката за аудио кодекот LHDC 5.0 (Low Latency High Definition), кој овозможува звук со висока резолуција. Подобрен е и ANC (активно поништување шум), што сега ќе ја отстрани вревата во позадина врз основа на специфичен профил што го избира корисникот.
Nothing посочи дека корисниците исто така можат да го прилагодат звукот на слушалките и да ги променат поставките за еквилајзер во апликацијата Nothing X. Подобрени се и драјверите од 11,6 милиметри, а наводно остварувањето на повици треба да биде поквалитетно, пред се поради подобрата отпорност на микрофонот на бучава од ветер и слично.
Ear (2) слушалките имаат декларирано траење на батеријата до 36 часа со куќиштето, кое може да се наполни преку USB-C порт или безжично со брзина од 2,5 W. Од Nothing ја истакнуваат поддршката за Google Fast Pair и Microsoft Swift Pair, како и можност за Dual Pair. Треба да се напомене дека куќиштето има IP55 сертификат за отпорност на прашина и прскање со вода, додека самите слушалки имаат нешто послаб IP54.
Nothing Ear (2) ќе бидат достапни за купување од 28 март по цена од 149 евра.