Неодамна, компанијата Xiaomi најави кога официјално ќе ја претстави Redmi Note 12 серијата за светскиот пазар, а сега објави кога ќе го претстави најдобриот член во оваа серија смартфони.
Кинеската компанија веќе ја претстави Note 12 серијата во Кина, но очигледно ќе брои повеќе членови. Xiaomi потврди дека новиот член на Redmi Note 12 серијата, кој ќе се вика Redmi Note 12 Turbo ќе биде претставен на 28 март во 19 часот по кинеско време.
Самиот тизер го покажува телефонот во бела и сребрена боја. Тука можеме да видиме и дека телефонот ќе има три сензори за камера распоредени во форма на триаголник на задната страна, а присутен е и LED блиц. На десната страна го забележуваме скенерот за отпечатоци и копчето за контрола на јачината на звукот, додека на долниот раб има микрофон, USB-C порт за синхронизација и полнење, слот за SIM картичка и звучник. А на горниот раб има еден звучник, 3,5 мм приклучок за слушалки и веројатно IR blaster.
Xiaomi веќе потврди пред неколку дена дека Redmi Note 12 Turbo ќе го покренува неодамна претставениот Qualcomm Snapdragon 7+ Gen 2 чип. Овој чипсет се одликува со главно јадро на процесорот Kryo со такт на 2,91 GHz, а целиот пакет 1+3+4 процесор обезбедува над 50% подобри перформанси во споредба со Snapdragon 7 Gen 1. Од друга страна, неименуваниот Adreno GPU може да се пофали со двојно подобри перформанси .
Според досегашните информации, Redmi Note 12 Turbo ќе биде опремен со AMOLED екран со дијагонала од 6,67 инчи со FHD+ резолуција. Стапката на освежување на екранот ќе биде 120 Hz, а телефонот ќе има батерија од 5000 mAh.