Под слоганот „Енергијата нè поврзува“, Европската унија додели неповратна финансиска помош од 80 милиони евра на Северна Македонија за полесно справување со последиците од глобалната економска и енергетска криза. Со тоа го исполни ветувањето дека ќе им помогне на своите партнери во регионот на Западен Балкан полесно да ги надминат овие тешки и предизвикувачки времиња. Целокупната помош за земјите од Западен Балкан во вредност од една милијарда евра ќе биде првенствено насочена кон инвестиции во чиста енергија.
Средствата од пакетот во вредност од 80 милиони евра претставуваат клучна поддршка за буџетот на Северна Македонија и за владините мерки насочени кон помагање на ранливите семејства и малите и средните претпријатија преку олеснување на нивниот финансиски товар од зголемените трошоци за енергија. Исто така, дел од средствата ќе бидат искористени за поддршка за потрошувачката на енергија во училиштата и во болниците, како и за намалување на енергетската зависност.
Овој финансиски пакет е дел од континуираната поддршка на Европската унија во енергетиката во земјава, каде што клучни инвестиции се паркот на ветерни електрани „Богданци“, оспособувањето на шест хидроцентрали, инвестирањето во одржливи и обновливи извори на енергија, подобрувањето на енергетската ефикасност и имплементацијата на зелени решенија.