Нови летови и нови авиолинии од домашните аеродроми се најавуваат во текот на летната сезона. Летниот ред на летови почна да се применува од полноќ. Од ТАВ Македонија велат дека очекуваат успешна летна сезона и оваа да биде година на целосно постпандемиско закрепнување.
Lufthansa од 23 април ќе почне да лета на релација Франкфурт-Скопје-Франкфурт, со десет летови неделно. Нова дестинација, Сплит, ќе биде воведена од страна на Croatia Airlines од скопскиот аеродром. Авиокомпанијата ќе лета меѓу главниот град на Македонија и туристичкиот центар на Далмација во текот на летната сезона, од 12 мај до 14 октомври 2023 година, два пати неделно. Уште еден новитет доаѓа од охридскиот аеродром и од авиокомпанијата Air Serbia, која ќе ја обнови линијата Белград-Охрид од јуни 2023 година. Македонскиот туристички и културен центар Охрид ќе се поврзува авионски со Белград четири пати неделно, изјавија за МИА од ТАВ Македонија.
Како и во изминатите летни сезони, и оваа, ќе има сезонски летови од скопскиот аеродром до летните дестинации како Анталија, Измир, Бодрум, Хургада и Тунис (Монастир/Енфида). Овие сезонски летови најчесто почнуваат кон крајот на мај се до октомври.
Секако, очекуваме и повеќе патници од сезонските линии на Охридскиот аеродром од традиционалните дестинации/земји од/до кои се лета во текот на летната сезона, како што се Холандија (Амстердам и Мастрихт) и Полска (Варшава и Катовице). Со ова, ТАВ Македонија очекува успешна летна сезона и очекува оваа година да биде година на целосно постпандемиско закрепнување, велат од ТАВ Македонија.
Според актуелниот ред на летање за скопскиот аеродром, 20 авиокомпании сообраќаат до вкупно 44 дестинации, додека од охридскиот аеродром сообраќаат шест авиокомпании до девет дестинации. Сепак, како што потенцира аеродромскиот оператор, редот на летови секогаш може да претрпи промени, односно како што ги добиваат информациите од авиокомпаниите. Ова е причината поради која ТАВ Македонија секогаш ги советува патниците да ги следат веб-страниците на скопскиот и охридскиот аеродром за ажурирање во реално време и секако, да проверат кај авиокомпанијата со која патуваат.
Нови авиолинии во државава се очекуваат со повикот за доделување субвенции. На 1 март минатата година заврши последниот од трите договори за субвенционирани летови со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник Wizz Air. Тековниот повик за субвенции следуваше по поништувањето на претходниот што го објави Министерството за транспорт и врски, на кој аплицираа авиокомпаниите Wizz Air, Lufthansa и „Ејџиан ерлајнс“, но Комисијата за евалуација констатираше дека не ја доставиле пропишаната комплетна документација.
Со тековниот повик за субвенции се доделува финансиска поддршка за нови авиолинии за периодот 2023 – 2025 година. Износот за субвенциите за годинава изнесува 1,1 милион евра.