Apple ја променил својата стратегија за iOS 17 доцна во процесот на развој, а компанијата изгледа е подготвена да додаде неколку нови функции. На тој начин, иновациите може да бидат позначајни од првобитно очекуваните, вели новинарот на Bloomberg, Марк Гурман во својот неделен билтен Power On.
Првичните извештаи покажаа дека iOS 17 може да биде помало ажурирање во споредба со претходните години. Дел од причините за ова беше и фокусот на проектот за претстојниот уред за проширена реалност, како и обидот да се избегне проблематичното лансирање на iOS 16.
Сепак, промената во стратегијата доведе до додавање на неколку функции кои се меѓу најпосакуваните од корисниците. Со кодно име Dawn, софтверот се очекува да биде претставен на WWDC 2023 конференцијата за програмери во јуни и да биде достапен за корисниците наесен.
Меѓу можните промени се додавањето на следната генерација на CarPlay, промени во Siri, можноста за инсталирање апликации од надворешни продавници, поддршката за новиот уред за мешана реалност на компанијата итн.