По протечените податоци од Geekbench тестот, Google Play сертификацијата покажува дека Vivo X Flip е името на вториот телефон со флексибилен екран што го подготвува Vivo
По претставувањето на Vivo X Fold во април минатата година, кинескиот производител на телефони планира да ја зајакне својата понуда со компактен преклопен модел, со не многу изненадувачко име Vivo X Flip.
Последниот месец се појавија информации за Flip телефон на преклоп од Vivo, а вчера детали за новиот модел на Vivo се појавија и на страницата за сертификација на уреди за продавницата Google Play. Логиката зад именувањето на повеќето производители се потпира на етаблираните и добро познати модели на Samsung – Galaxy Z Fold и Galaxy Z Flip, каде што Flip е компактен телефон што се преклопува на средината на подолгата страна, додека Fold е модел, кој кога ќе се расклопи повеќе наликува на таблет.
Оваа Fold и Flip номенклатура е усвоена, а Vivo X Flip треба да биде првиот уред од новата линија на флексибилни телефони што ќе постои заедно со Vivo X Fold линијата смартфони.
Според информациите што ги видовме на онлајн базата на податоци на Geekbench, новиот Vivo X Flip доаѓа со Snapdragon 8+ Gen 1 чипсет, 12 GB RAM и 256 или 512 GB простор за складирање, додека неодамнешната 3C сертификација откри дека ќе поддржува брзо полнење од 44 W, пренесува MySmartPrice.
Според малку постари информации, новиот телефон на Vivo на преклоп се очекува да има внатрешен екран од 6,8 инчи со FHD+ резолуција и стапка на освежување од 120 Hz, главна камера од 50 MP, ултраширока камера од 12 MP и батерија од 4.400 mAh, а се очекува и премиерата во Кина во месец април.