Започнува реализацијата на проект за справување со загадувањето на воздухот во пет општини и проект за унапредување на капацитетите на општините и поддршка на рамномерниот регионален развој, кои Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе ги реализира со поддршка на Шведска. Денеска беа презентирани главните цели и активности на Програмската рамка за соработка помеѓу Шведската агенција за меѓународна развојна соработка – Сида и УНДП, во чии рамки, во наредните три години, ќе се реализираат двата проектa.
Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ УНДП го реализира во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Ќе ги поддржи општините Кавадарци, Гостивар, Куманово, Струмица и Струга со мерки и активности за откривање и мерење на изворите на загадување на воздухот, идентификување, развој и спроведување соодветни мерки за решавање на проблемите, јакнење на капацитетите на партнерските организации, како и подигнување на јавната свест за опасностите од аерозагадувањето.
„Големи се надежите и мотивираноста кога започнува нов проект, особено ако се однесува на еден од најгорливите проблеми со кој се соочуваме, загадувањето на воздухот. Справувањето со загадувањето бара мултисекторски пристап и координација, а конципираноста на овој проект го овозможува токму тоа. Предвидените проектни активности се надоврзуваат на оние кои министерството веќе ги имплементира и се вклопуваат во планското решавање на ова исклучително важно прашање“, порача министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шуков.
Проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ ќе работи на подготовка на квалитетна техничка документација за реализација на инфраструктурни проекти во повеќе општини и на поддршка на рамномерниот развој преку надградба на Индексот за општински развој. Партнери на УНДП во овој проект се Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и ЗЕЛС.
„Обезбедуваме поддршка на општините за подготовка на поголеми инфраструктурни проекти заедно со целокупната проектна документација, со цел да ја зголемиме можноста за нивно финансирање од Светската банка, од Европската Унија и од други финансиски институции. Праксата покажува дека општините имаат ограничени човечки и финансиски ресурси за подготовка на проектна документација и затоа отсуствува понуда на конкурентни, одржливи проекти. Мора да ги менуваме работите за да можеме максимално да ги апсорбираме средствата од фондовите на ЕУ и да ги развиваме општините и регионите“, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.
Програмската рамка е креирана како резултат на успешно имплементираните први фази на двата проекта. Таа ќе придонесе вторите фази на проектите да се спроведат со интегриран пристап и на тој начин да се мултиплицираат очекуваните позитивни ефекти.
„УНДП речиси две децении ги поддржува општините во државата преку креирање и имплементација на сеопфатни програми и иницијативи насочени кон поттикнување на локалниот развој. Нашата работа на локално ниво е водена од главната цел да изградиме поефикасни, поотпорни, еколошки свесни и самоодржливи локални самоуправи, со крајна мисија да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните“, рече Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП. За реализација на Програмската рамка, Шведска обезбеди финансиска поддршка во висина од 4,13 милиони американски долари, а превидено е и национално кофинансирање во висина од 0,5 милиони долари преку Бирото за регионален развој. Со свои средства ќе партиципираат и партнерските општини и УНДП.