Германскиот регулатор денеска соопшти дека ја анализира позицијата на Microsoft на неколку пазари на софтвер за да утврди дали неговите меѓусебно поврзани апликации ја ограничуваат конкуренцијата.
Регулаторот планира да утврди дали Microsoft треба да биде вклучен во категоријата компании „од особено значење за конкуренција на повеќе пазари“, повикувајќи се на проширените овластувања од почетокот на 2021 година.
Потенцијална основа за проценка на таквата улога би бил дигиталниот екосистем, кој опфаќа повеќе пазари, обезбедувајќи ѝ на компанијата „недопирлива позиција“ наспроти конкуренцијата.
Заедно со оперативниот систем Windows и софтверот за обработка на текст Office, компанијата неодамна изгради значајна позиција во сегментот на „cloud“ услуги со Azure и OneDrive, кои се поврзани со другите негови апликации, посочува регулаторот.
Исто така, го истакнува софтверот на Microsoft за видео конференции и тимови за работа на далечина, како и значајната улога на компанијата во областа на игрите, интернет пребарувањето и мрежата за вработување LinkedIn.
Ваквата понуда ја оправдува верификацијата на потенцијалниот статус на значајнаta компанија на повеќе пазари, посочуваат од Бундескартеламот и додаваат дека доделувањето на таков статус би им овозможило навремено откривање и забрана за потенцијални практики кои ја нарушуваат пазарната конкуренција.
Одлуката за анализата сè уште не предвидува верификација на специфичните деловни практики на Мајкрософт, што би барало жалби или други индикации за потенцијално штетни деловни методи за пазарна конкуренција и потенцијално би резултирало со посебна одлука, објаснуваат тие.
Microsoft посочи дека планира да соработува со Бундескартеламот.
„Препознаваме дека како голема технолошка компанија носиме поголема одговорност за поддршка на здрава конкурентна средина“, рече портпаролот на Microsoft.
„Ќе се ангажираме конструктивно со регулаторот во неговите напори да ја разбере нашата улога на дигиталните пазари“, додаде портпаролот.
Германскиот регулатор потсетува дека веќе ги вклучил во категоријата компании од исклучително значење на неколку пазари, матичната компанија на Google Alphabet и сопственикот на Facebook, Мета.