Можностите за искористување на остатоците од земјоделството како готови производи и прототип-дизајни се претставени на изложба што денеска ја организираше граѓанското здружение за културно-уметнички дејности „Одоната” од Кочани.
Изложбата е дел од проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани”, што се реализира во партнерство со Македонското модно здружение од Скопје, а во кој беа вклучени дваесетина млади уметници, истражувачи, дизајнери и креативци од средното училиште „Љупчо Сантов“ и основното училиште „Малина Попиванова“ од Кочани.
– Целта на проектот е да ја подигнеме свеста и креативноста за искористување на отпадот од оризот како алтернативна суровина. Организиравме теоретски и практични работилници на кои, преку иновативна и еко-одржлива уметничка практика, покажавме што сè може да се направи од сламата, лушпата и оризовото брашно. Споделивме многу знаења со учениците кои во изминатите осум месеци создадоа уметнички дела, сувенири со мотиви од Кочани, украси во домаќинството, делови од мебел, како и модни креации и детали, истакна Габриела Митева, претседателка на здружението „Одоната“.
Членовите на здружението најавија дека и по завршувањето на проектот ќе ги продолжат активностите и истражувањата за искористување на земјоделските остатоци, а во зависност од интересот, изложбата ќе биде поставена и во други градови во државата.
Проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани” се спроведува во рамки на „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од фондовите на ЕУ со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кочани.
Едукативните активности за учениците се реализираат преку проектот Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е, поддржан од владата на Швајцарија, а имплементиран од Хелветас.