Поранешниот инженер и футуролог на Google, Реј Курцвајл, верува дека луѓето ќе постигнат бесмртност до 2030 година.
Како што истакнува, својата хипотеза ја заснова на развојот на технологијата за кои верува дека ќе доведат до создавање наноботови кои ќе можат да ги поправаат оштетените клетки и ткива предизвикани од стареењето на телото.
Така, според неговото интервју што го даде за каналот на YouTube „Adaggio“, тоа ќе нè направи имуни на стареење и болести како ракот.
Своето предвидување за човечката бесмртност, футуристот го заснова на теоријата на сингуларност, која тврди дека технологијата ќе се развие толку многу што ќе им овозможи на луѓето да станат бесмртни. Тој најави постигнување на целосна сингуларност до 2045 година, а верува дека до 2029 година вештачката интелигенција ќе може без проблем да го помине Туринговиот тест и да покаже интелигентно однесување кое е еднакво на човечкото.
За Реј Курцвајл, употребата на вештачка интелигенција во реалниот живот е од корист. Тој верува дека машините и компјутерите нè прават поинтелигентни и нивното поврзување со нашиот церебрален кортекс ќе им овозможи на луѓето да размислуваат попаметно, како и да бидат поталентирани во различни области.
„Ќе добиеме повеќе церебрален кортекс, ќе бидеме позабавни, подобри во музиката. Ќе бидеме попривлечни. Во поголема мера, можеме да прикажеме сè што вреднуваме кај луѓето“, вели Курцвајл.
Сите овие достигнувања во технологијата за Курцвајл треба, заклучува тој, да создадат синтеза на човекот и машината.
Курцвајл ги зацврстува своите тези со аргументите дека досега 127 од неговите 147 предвидувања поврзани со иднината биле точни.
Имено, поранешниот инженер на Google изјавил дека компјутерот ќе го победи светскиот шампион во шах до 1998 година. Тоа се случи во 1997 година, кога Гари Каспаров загуби од компјутерот Deep Blue.
Курцвајл, исто така, предвиде во 1999 година дека до 2023 година, лаптоп од 1.000 долари ќе има компјутерска моќ и капацитет на меморија како човечкиот мозок.