Примероците од тлото на месечевата површина доведоа до важно откритие и ги подгреаја надежите за постојано човечко присуство на Месечината.
Научниците тврдат дека стаклените кугли расфрлани на површината на Месечината потенцијално кријат милијарди тони вода која може да се екстрахира за потребите на астронаутите во идните лунарни мисии.
Откритието се смета за едно од најважните до сега, поготово за вселенските агенции кои планираат изградба на бази на Месечината, бидејќи значи дека човештвото на располагање има широко достапен извор не само на вода, туку и на водород и кислород.
„Направивме едно од највозбудливите откритија“, вели Махеш Ананд, професор по планетарна наука и истражување. „Со ова откритие, потенцијалот за истражување на вселената на одржлив начин е поголем отколку што бил досега“.
Ананд и тимот кинески научници анализираа мазни стаклени зрна од примероците од месечевата почва вратени на Земјата во декември 2020 година од кинеската мисија Chang’e-5. Куглите, со големина помала од 1 милиметар, се формираат кога метеороидите удираат во Месечината и нагоре испраќаат стопени капки. Тие капки потоа се зацврстуваат и се мешаат со прашина. Тестовите направени на сферите откриваат дека значителна количина на вода ја покрива површината на Месечината – до 270 милијарди тони.
Сепак, потребна е преработка пред да се дојде до таа вода. „Не е како да протресете материјал и водата да почне да тече. Постојат докази дека кога материјалот ќе се загрее над 100°C, водата тогаш излегува и може да биде собрана“, вели Ананд.
„Ова откритие се надоврзува на растечкиот консензус дека Месечината е побогата со вода отколку што се мислеше“, вели Иан Крафорд, професор на Универзитетот во Лондон. „Дополнителните резервоари со месечева вода би можеле да бидат многу корисен ресурс во областите далеку од претпоставените наслаги на поларен мраз, но количината на присутна вода, која е најмногу 130 мл на кубен метар месечева почва, не треба да се преценува“.