Утре во малата сала на Филхармонијата на РСМ, со почеток во 11.30 часот ќе се одржи конференцијата „Чувари на мудроста“ на која што искусни и почитувани професионалци од државата ќе говорат пред младите за значењето на професионалната надградба, кариерниот развој, претприемништвото, комуникациите, значењето на културната едукација. Конференцијата е дел од големата кампања на Халкбанк АД Скопје „Чувари на мудроста“, започната минатата година, која штo e посветена на повозрасната популација. Целта на кампањата не е само да им се даде повеќе простор на успешните и реномирани луѓе од Македонија кои оставиле трајни белези зад себе, туку и да ги поттикне младите да обрнуваат повеќе внимание и да поминуваат повеќе време со повозрасните од кои може многу да се научи, бидејќи тие се чуварите на мудроста.
На конференцијата, која што е поделена во три панели, успешни професори, уметници, стопанственици и новинари ќе дискутираат и со присутните ќе ги споделат своите животни и професионални искуства на три теми – култура, економија и комуникации. На тема „До успех со среќа или работа“ ќе дискутираат професорите Никола Пановски, академик Таки Фити и Симон Наумоски, основач на „Витаминка АД Прилеп. Писателката Винка Саздова, актерот Благој Чоревски и професорот Костадин Танчев Динка ќе зборуваат на тема „Живот со или за уметноста“, додека новинарките Катерина Цаневска и Лилјана Грџо Дамовска ќе бидат учесници во третиот панел – „Од ѕвездите до калта“.
Бидејќи целта на настанот е токму на новите генерации да им се овозможи да ги чујат искуствата, но и да дискутираат со луѓето кои изградиле успешна кариера, на конференцијата бесплатно ќе можат да присуствуваат студенти кои својот статус ќе го потврдат со студентска легитимација. Сите заинтересирани можат да се регистрираат и да го пријават своето учество на следниот линк.
Повеќе информации за кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ се достапни на веб страницата www.cuvarinamudrosta.mk