Apple ја прошири понудата на својата музичка услуга со дополнителна самостојна апликација, редизајнирана и прилагодена за љубителите на класичната музика
Покрај Apple Music, апликација за стриминг на музика која нуди повеќе од 100 милиони песни, Apple лансираше нова, самостојна мобилна апликација за класична музика. Наменета е специјално за љубителите на класичната музика, кои ќе можат да пристапат и лесно да ја најдат секоја снимка во најголемиот светски каталог. Корисничкиот интерфејс е оптимизиран, променет и малку поедноставен во споредба со постоечката Apple Music апликацијат, достапни се однапред дефинирани плејлисти, биографии на композитори, описи на илјадници музички дела и слични содржини кои ќе ја интересираат целната група.
Apple наведува дека Apple Music Classical поддржува и репродукција во Spatial Audio стандардот и квалитет на снимање до 192 kHz (24-битна Hi-Res Lossless), што би требало да биде доволно дури и за најпребирливите слушатели. Каталогот содржи над пет милиони композиции, „од прославени снимки до заборавени скапоцени камења“, а во понудата се и нови ексклузивни снимки на албуми во изведба на светски познати оркестри.
Пребарувањето на збирката е можно по композитор, име, па дури и прекар на делото, период, жанр, диригент, изведувачи и слично. Композициите се придружени и со илустрации на познати композитори, создадени исклучиво за Apple од група современи уметници, но во согласност со стилот на времето во кое живеел конкретниот композитор. Значи, има се што може да посака еден љубител на класичната музика.
Кога станува збор за цената, Apple Music Classical е вклучен во стандардната претплата на сервисот Apple Music, т.е. постоечките претплатници ќе го добијат како дел од нивниот постоечки пакет.
Апликацијата Apple Music Classical може бесплатно да се преземе од App Store на iOS.