Samsung ја ажурираше својата веб-апликација Try Galaxy, така што корисниците на Apple сега можат да ги испробаат One UI 5.1 и Android на iPhone, исто како и кај телефонот Galaxy S23
Иако е се уште рано, Samsung Galaxy S23 телефоните веќе се позиционираа како едни од најдобрите Android уреди на пазарот во моментов. И додека компанијата продолжува да ги пласира телефоните преку различни маркетинг кампањи, компанијата изгледа порешителна од кога било да ги „конвертира“ корисниците на iPhone на својот бренд, дозволувајќи им да го пробаат Android на iPhone.
Samsung објави ново ажурирање на својата веб-апликација Try Galaxy, која е достапна од минатата година. Новото ажурирање, сепак им овозможува на корисниците на iPhone да го „искусат“ Samsung Galaxy S23 со Android 13 и One UI 5.1. Најдобро од сè, корисниците на iPhone нема да мора да ја инсталираат апликацијата за да видат за што се работи, бидејќи сетоа ова работи преку веб-прелистувач, пишува 9to5Google.
Се разбира, ова нема да го претвори вашиот iPhone во целосно функционален Galaxy S23, бидејќи целата апликација всушност е повеќе како симулација. Кога ќе отидете на страницата Try Galaxy, ќе биде побарано да скенирате QR-код и да користите Safari за да го испробате сето тоа. Кога ќе го ископирате линкот во Safari, ќе треба да ја додадете веб-локацијата на вашиот почетен екран, каде потоа ќе добиете Try Galaxy икона.
Со кликнување на оваа икона ќе добиете мал водич за One UI 5.1 и најновиот Android, кој накратко ќе ви објасни како да се движите низ системот. После тоа, можете слободно да го истражите оперативниот систем и да видите како е да користите модерен Samsung Android паметен телефон.
Може да испробате некои основни апликации што ги нудат Samsung и Google, вклучително и Google Messages, а Samsung ќе испрати лажни пораки додека истражувате, за да видите како функционираат некои од другите функции на уредот, како камерата или Object Eraser.
Ова виртуелно искуство само по себе веројатно нема да биде доволно за да ги натера корисниците да се префрлат од iPhone на Galaxy уред, но секако е добра и интересна опција да видите што има да понуди другата страна без да мора да купувате нов уред.