Пионерскиот дух на Motorola беше еден од клучните елементи во напредокот на мобилната индустрија, вклучувајќи го и првиот повик со мобилен телефон
Точно пред 50 години, на 3 април 1973 година, вработен во компанијата Motorola по име Мартин Купер го оствари првиот телефонски разговор преку мобилен телефон, користејќи прототип на уред кој ќе се појави на пазарот една деценија подоцна како Motorola DynaTAC 8000x. Додека бил во близина на базната станица од 900 MHz на Менхетен, Купер му се јавил на Џоел Енгл, кој раководел со истражувачкиот оддел на конкурентските Bell Labs, велејќи: „Џоел, тука е Марти. Се јавувам од мобилен телефон, вистински пренослив мобилен телефон“.
Идејата за таков уред е инспирирана од автомобилските телефони на AT&T, претставени во доцните 1960-ти години, а Купер вели дека сакал да создаде личен телефон кој ќе може да претставува поединец, така што одреден број може да биде поврзан со личност, а не со канцеларија. Интересно е што прототипите биле креирани за само 90 дена, користејќи технологии достапни во лабораториите на Motorola.
Најголемиот предизвик за истражувачите на Motorola било создавањето на уред со триселектор, кој овозможувал истовремено зборување и слушање, бидејќи до тој момент сите алатки за мобилна комуникација барале притискање на копче за разговор. Сепак, се покажа дека оваа компонента е со големина на двоен хамбургер, но тимот на Купер успеал да го намали за дури десет пати за да го собере во мобилниот телефон.