Ко-основачот на Microrosft и филантроп, Бил Гејтс, смета дека паузата во развојот на вештачката интелигенција (ВИ), која ја побара шефот на Твитер, Илон Маск и повеќе од 1.000 експерти, не е решение за предизвиците што ги поставува технологијата.
Гејтс во интервју за Ројтерс рече дека не е јасно како ќе функционира паузата во развојот на вештачката интелигенција на глобално ниво и сугерираше дека потенцијалот на вештачката интелигенција треба да се искористи на најдобар можен начин.
„Ви носи големи придобивки, тоа е јасно, и ние треба да ги идентификуваме областите на развој на вештачката интелигенција кои би можеле да бидат проблематични. Не разбирам кој би можел да го спречи развојот на вештачката интелигенција. Дали секоја земја би се согласила на таква пауза?“, рече Гејтс, додавајќи дека има многу различни мислења на оваа тема.
Агенцијата објави дека тоа е првиот јавен коментар на Бил Гејтс за отвореното писмо на Илон Маск и група експерти за вештачка интелигенција и индустриски директори, кои повикаа на најмалку шестмесечна пауза во развојот на вештачката интелигенција.
Потписниците на отвореното писмо, објавено од непрофитниот институт „Фјучер оф лајф“, бараат мораториум на развојот на вештачката интелигенција додека не се постигнат заеднички безбедносни протоколи за такви достигнувања, пренесе британската агенција.
„Моќните системи за вештачка интелигенција треба да се развиваат само кога сме уверени дека нивните ефекти ќе бидат позитивни и кога можеме да управуваме со ризиците што ги содржат“, се наведува во писмото, пренесува Ројтерс.