Иако технолошките компании вложуваат милијарди во самата технологија, изгледа дека ќе минат многу години додека корисниците да ја прифатат и почнат масовно да ја користат.
Пред околу една и пол година Марк Закерберг направи голем пресврт со својата компанија. Facebook стана Meta, а фокусот беше префрлен на метаверзум, односно виртуелен свет кој во некоја иднина би требало да стане важен дел од нашите животи. Наместо луѓето да комуницираат и да се дружат во живо, Закерберг верува дека таквите дружби ќе бидат заменети со виртуелни дружби на аватари.
Освојувањето на тој пазар, сметаат во Meta, нема да биде спринт, туку маратон и веруваат дека плодовите на инвестициите во метаверзумот ќе ги видиме дури кон крајот на деценијата. За тоа изгледа дека се во право, бидејќи нивниот оддел за метаверзум засега бележи големи загуби, додека виртуелниот свет на „Meta“ не привлече многу корисници, а оние чии аватари се дружат во него не се баш воодушевени.
Дека нема некој интерес за виртуелниот свет покажа и едно неодамнешно истражување на Piper Sandler во САД. Во истражувањето, кое е спроведено во текот на февруари, учествувале 5.600 тинејџери, а интересно е дека една третина од нив (29%), веќе поседуваат VR уред. Но, од оние кои поседуваат такви очила, односно уреди за виртуелна реалност, само 4 проценти од нив ги користат секојдневно, односно 14 проценти од нив го користат најмалку еднаш неделно.
Тоа се прилично поразителни бројки за овој пазар и најдобро покажуваат дека моментално не постои некоја атрактивна и забавна содржина која луѓето би ги привлекла да минуваат повеќе време во метаверзумот. Освен ако не се појави некоја таква апликација која ќе привлече милиони, не треба да се очекува некоја „навала“ на постоечките уреди.
Од Piper Sandler велат дека податоците за слабото користење на уредите покажуваат дека VR пазарот е во своите рани денови, а тие уреди не може да се споредат по важност со паметните телефони кои младите не ги пуштаат од раце.
Иако на овој пазар наскоро влегува и Apple, тешко е да се очекува дека ситуацијата ќе се промени, бидејќи цената за нивниот прв AR/VR уред би требало да изнесува околу 3.000 долари, па изгледа дека побарувачката нема да биде голема.
Извор: B92.net