Вакцините против рак и срцеви болести ќе бидат „подготвени до крајот на деценијата“, а милиони животи би можеле да бидат спасени со револуционерните нови вакцини против низа болести“, најавуваат експертите.
Водечката американска фармацевтска компанија „Модерна“ објави дека е уверена оти вакцините против рак, кардиоваскуларни и автоимуни болести, како и други состојби ќе бидат готови до 2030 година, објави денеска „Гардијан“.
Главниот медицински директор на Модерна, д-р Пол Бартон, рече дека верува оти компанијата ќе може да понуди вакцини против „сите видови болести“ за само пет години. Компанијата, која ја произведе водечката вакцина против коронавирусот, сега развива вакцини против рак кои таргетираат различни видови тумори.
„Ќе имаме вакцина која ќе биде многу ефикасна и ќе спаси стотици илјади, ако не и милиони животи. Мислам дека ќе можеме да им понудиме персонализирани вакцини против рак, против многу различни видови тумори на луѓето ширум светот“, вели Бартон.
Тој рече дека повеќе респираторни инфекции може да бидат покриени со една вакцина, што ќе им овозможи на луѓето да бидат заштитени од коронавирус, грип и респираторен синцицијален вирус (RSV), додека терапии со mRNA може да бидат достапни за ретки болести за кои во моментов нема лек.
Терапиите базирани на mRNA се засноваат на поттикнување на клетките да произведат протеин кој предизвикува имунолошки одговор против болеста.
„Мислам дека ќе имаме терапии засновани на mRNA за ретки болести кои претходно биле неизлечиви и мислам дека за 10 години ќе се приближиме до свет каде што всушност ќе може да ја идентификувате генетската причина за болеста и да се излекува сè користејќи технологија базирана на mRNA“, објави Бартон.
Вакцината за рак базирана на mRNA ќе го предупреди имунолошкиот систем за ракот што веќе расте во телото на пациентот, за да може да го нападне и уништи, без да ги уништи здравите клетки. Научниците, пак, предупредуваат дека забрзаниот напредок постигнат во последните три години ќе биде залуден, доколку не се задржи високото ниво на инвестиции.