Global CTX Mosaic of Mars е голема интерактивна мапа на Марс, базирана на долгорочната работа на орбитерот на Марс и неговиот црно-бел фотоапарат
Американскиот Универзитет Caltech ја изработи, врз основа на снимките и податоците на NASA, најдеталната интерактивна мапа на Марс досега. Global CTX Mosaic of Mars, како што официјално се нарекува е направен од 110.000 снимки од црно-белиот фотоапарат Context Camera (CTX), поставен на Mars Reconnaissance Orbiter, сонда која во орбитата околу Црвената планета се наоѓа од март 2006 година и континуирано ја снима неговата површина во детали.
5,7-терапикселна мапа
Конечниот резултат е доста импресивен – целата планета Марс е покриена со овие снимки, кои вкупно мерат 5,7 терапиксели (5,7 трилиони точки). Беа потребни шест години за да се изработи интерактивниот мозаик, беа потрошени десетици илјади работни часови, а уште пред неговото објавување, бета верзијата веќе беше цитирана во 120 рецензирани научни трудови. Сега целиот овој корпус на снимки и податоци е достапен и на јавноста, на оваа страница.
Приказот функционира како Google Earth, поставувајќи го набљудувачот над површината на Марс и овозможувајќи „лет“ над него, со интуитивно зумирање на деталите, прикажано во прилично висока резолуција – еден пиксел на овој мозаик претставува 5×5 метри, односно 25 m2 површината на Марс.
Во дното на страницата се нудат и линкови за брз скок до некои истакнати места, како оние каде се наоѓаат роверите на NASA (чии траги се нацртани на мапата) или познати карпи, кратери и други карактеристики на релјефот на Марс. Сите кратери и други топографски локации се означени, исто како на Google Earth, па сега Марс може детално да се истражи и со него виртуелно да лета секој што има интернет врска. Ова е голем чекор за популаризација на науката, велат авторите на оваа мапа, но ја нагласуваат и дополнителната пристапност до сите оние, на кои погледот на Марс ќе им послужи во научните истражувања.